„Ние сме невролози и ова се храната и пијалаците што никогаш не ги консумираме – можат да го оштетат мозокот“: Намирниците од „црната листа“ се често на нашето мени, а треба да ги избегнуваме

Точка

11/05/2026

18:54

483

Големина на фонт

а а а

Невролозите и експертите од областа на невронауката открија кои намирници можат негативно да влијаат врз здравјето на мозокот. На листата се најде и многу популарна храна, па затоа советуваат поголема внимателност при консумирањето.

Први на листата се протеинските прашоци. Доколку ги додавате во пијалаци или шејкови, можно е да правите грешка бидејќи често се богати со вештачки засладувачи.

„Токму тие адитиви се причината поради која не користам протеински прашоци, бидејќи можат да го нарушат гастроинтестиналниот микробиом. Здравиот цревен микробиом е многу важен за мозокот, затоа што голем дел од невротрансмитерите се произведуваат во цревата“, објасни д-р Фридерике Фабрициус, невролог.

Експертите не препорачуваат ниту газирани пијалаци.


„Газираните сокови се едни од најлошите производи за здравјето на мозокот поради високата концентрација на едноставни шеќери, кои ги оштетуваат крвните садови што го снабдуваат мозокот со кислород. Со текот на времето, тоа може да доведе до предвремена деменција и мозочен удар. Дополнително, шеќерот предизвикува воспаленија, раздразливост, лошо расположение и нарушувања на сонот“, изјави д-р Шанин Лакхан, невролог, пренесува „huffpost.com“.

На листата се најде и маргаринот.

„Често слушаме дека трансмастите не се добри за срцето и крвните садови, а истото важи и за мозокот. Истражување објавено во списанието „Neurology“ покажало дека постарите лица со највисоко ниво на трансмасти во крвта биле изложени на најголем ризик од деменција“, изјави д-р Шеј Дата, невролог и ко-директорка на центарот „YU Langone Concussion“, која препорачува маслиново масло или путер како подобар избор.

Неврологот Педрам Наваб, пак, избегнува помфрит.


„Исхраната богата со масна храна, како помфритот, може да ги оштети крвните садови што го хранат мозокот и да предизвика когнитивни нарушувања. Таа негативно влијае и врз крвно-мозочната бариера и може да доведе до оштетување на невроните во хипокампусот – делот од мозокот клучен за учење и меморија“, објасни тој.

На листата е и алкохолот, кој според д-р Брајан Хо е „невротоксин што може да го оштети централниот и периферниот нервен систем, дури и кога се консумира умерено“.

Експертот за невронаука и извршен директор на компанијата „Ellipse Analytics“, Шон Калан, предупреди дека ни кафето без кофеин не е најдобра опција поради хемикалиите што се користат при процесот на декофеинизација.