Нападнатата хавајска морска фока припаѓа на критично загрозен вид. Се проценува дека во дивината останале уште само околу 1.600 единки, што ги прави еден од најзагрозените видови фоки во светот.
Жител на Хаваи е прогласен за херој откако физички нападнал турист од Сиетл, фатен како фрла огромен камен кон позната хавајска морска фока. За својот чин добил и специјално признание од државните власти.
Триесет и седумгодишниот турист ѝ се приближил на загрозената фока, која Хавајците ја знаат под името Лани, и фрлил масивен дел од карпа кон неа додека пливала покрај брегот во градот Лахаина на островот Мауи. Целиот инцидент бил снимен со камера, а снимките брзо се прошириле на социјалните мрежи, предизвикувајќи згрозеност и бес кај јавноста, пренесува „NY Post“.
Откако другите посетители на плажата дознале за грозоморниот чин на туристот, еден гневен локален жител решил правдата да ја земе во свои раце. Набрзо се појавила и втора снимка на која се гледа како му приоѓа на напаѓачот на фоката и го соборува на земја со серија удари.
Клипот што го прикажува овој чин на „граѓанска правда“ брзо собрал илјадници лајкови и коментари во кои локалниот жител бил пофален затоа што „ѝ помогнал на кармата“.
Нападнатата хавајска морска фока, на хавајски позната како ʻīlio-holo-i-ka-uaua („куче што трча по разбранувана вода“), припаѓа на критично загрозен вид. Се проценува дека во дивината останале уште само околу 1.600 единки, што ги прави еден од најзагрозените видови фоки на светот.
Поради тоа, Лани, која повеќе од две децении им е позната на жителите на западен Мауи, е исклучително ценет член на заедницата.
Признание од државен сенатор
Снимката од одмаздата го привлече вниманието и на државниот сенатор Брентон Ава, кој за време на седница покажал писмо со признание за анонимниот заштитник на фоката.
„Некои од нас ги видоа еколошките активисти, како што сакам да ги нарекувам, кои ја зедоа работата во свои раце за да едуцираат што може да се случи кога ќе се закачате со нашата земја или животни. Нашиот адвокат сака јасно да каже дека не одобруваме насилство, но составивме писмо со признание за „господинот амбасадор на Алоха“", изјавил Ава.
Ава додал дека жителите на Хаваи често се соочуваат со посетители кои покажуваат непочитување кон нивната природа и животни.
„Од нашиот клуб сакаме да кажеме дека постојано гледаме луѓе со поинаков менталитет кои доаѓаат и ги уништуваат нашите работи, во овој случај животните. Би сакале авиокомпаниите да прикажуваат вакви снимки на сите дојдовни летови за луѓето да не прават вакви работи – заклучил тој.
Случајот го презеле федерални обвинители
Деструктивниот турист, чиј идентитет не е јавно објавен, бил приведен од службеници на хавајскиот Оддел за земјиште и природни ресурси („DLNR“) на сослушување. Бил пуштен откако побарал правен советник, а кривична пријава сè уште не е поднесена.
Сепак, случајот е предаден на федералните обвинители од Канцеларијата за спроведување на законот при Националната управа за океани и атмосфера („NOAA“) поради можно гонење според федералните закони за заштита на дивиот свет.
Хавајските фоки се заштитени и со државни и со федерални закони, вклучувајќи го Законот за загрозени видови и Законот за заштита на морските цицачи. Доколку биде обвинет, мажот се соочува со парична казна до 50.000 американски долари и можна затворска казна.
Претходни случаи на вознемирување на фоки резултирале со строги казни, вклучувајќи и случај кога маж бил осуден на четири години затвор затоа што претепал бремена фока.
Нападот врз Лани особено тешко ја погодил локалната заедница, бидејќи оваа фока станала симбол на закрепнувањето на Мауи по катастрофалните шумски пожари што ја опустошија Лахаина во 2023 година.
„Да бидам јасен, ова не е вид на посетители што ги поздравуваме на Мауи – изјавил градоначалникот на Мауи, Ричард Бисен, во видео-обраќање објавено на социјалните мрежи.
„Ги поздравуваме посетителите кои покажуваат почит и разбираат дека кон нашата културна средина и дивиот свет мора да се однесуваат со грижа и „алоха“. Ваквото однесување нема да се толерира“, порача Бисен, поранешен судија и обвинител.
Во објава на „Instagram“ профилот на округот Мауи се наведува:
„Од враќањето на Лани во Лахаина по шумските пожари во 2023 година, членовите на тимот на градоначалникот и жителите подеднакво внимаваат на неа и длабоко се грижат за неа“.
Коментарите под снимката од тепањето на туристот главно го поддржуваа одмаздничкиот чин, а еден корисник напиша:
„Во моментот кога го фрли каменот, неговата судбина беше запечатена.“












