Министерството за здравство продолжува активно да го поддржува и унапредува статусот на медицинските сестри и акушерки, кои играат клучна улога во функционирањето на здравствениот систем. Со над 1.250 нови вработувања и покачување на платите, институциите работат на подобрување на условите и професионалното признание за здравствените работници. Покрај економската поддршка, во фокусот се и континуираната надградба на инфраструктурата и обезбедувањето можности за постојан развој и едукација на медицинскиот персонал во земјата.
Министерот за здравство, Азир Алиу, по повод одбележувањето на националната и европската недела на медицински сестри и акушерки, ја нагласи значајната улога на медицинскиот персонал како основа на здравствениот систем – од превенција и дијагностика до рехабилитација и поддршка на пациентите и нивните семејства.
-Министерството за здравство континуирано работи на јакнење на човечките ресурси во јавните здравствени ustanovi, со реализирани повеќе од 1.250 нови вработувања во јавниот сектор, од кои голем дел се медицински сестри. Во насока на подобрување на економскиот статус на здравствените работници, минатиот месец беше потпишан колективен договор со синдикатите од Клиничкиот центар и здравствениот сектор, кој предвидува зголемување на платите од 7% почнувајќи од март, како и планирана динамика за дополнително покачување во следниот период, истакна министерот Алиу на свечената академија организирана од Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки ЗМСТАМ.
Министерството останува посветено на постојаната модернизација на здравствената инфраструктура, подобрување на статусот на акушерки и сестри, како и обезбедување поддршка за нивното натамошно образование и професионален развој.




