Ви се закачил крлеж на кожата? Еве што никако не смеете да правите по убодот

Точка

10/05/2026

14:01

1.667

Големина на фонт

а а а

Престојот во природа, особено во области со ниска вегетација и грмушки, носи ризик од контакт со крлежи. За нивната активност се потребни поволни температури и влажност, па затоа тие имаат изразена сезонска активност. Најбројни се во текот на пролетта, раното лето и раната есен, а нивната распространетост зависи од климатските и еколошките услови.

Крлежите најчесто се наоѓаат на листови и гранки од грмушки, ниска вегетација до висина од еден метар, како и во шумски предели. Најчесто се инфицираат при хранење со крв од шумски животни и глодари, а преку убод можат да пренесат зараза и на човек.

Луѓето кои често престојуваат во природа, професионално или рекреативно, како шумари, планинари, ловци, туристи, излетници и рекреативци, припаѓаат на ризичните групи изложени на убод од крлеж.

Како да се заштитите?

При подготовка за престој во природа, важно е да размислувате превентивно за да го намалите ризикот од контакт со крлежи.

Се препорачува носење светла облека од мазни материјали, со долги ракави и ногавици вовлечени во чорапи, бидејќи така полесно се забележуваат крлежите и им се отежнува прикачувањето на кожата.

При движење, држете се до обележани патеки и избегнувајте директен контакт со ниска вегетација, грмушки или лежење на земја. На изложените делови од телото задолжително нанесете средство против инсекти.

По враќањето дома, најважниот чекор е темелно туширање и детална проверка на целото тело, особено на местата со почувствителна кожа – пазувите, препоните, просторот зад ушите и скалпот кај децата. На тој начин крлежот може да се отстрани додека сè уште „шета“ по телото во потрага по место за убод.


Што никако не смеете да правите по убод од крлеж?

Доколку забележите крлеж на кожата, важно е да го отстраните што е можно побрзо, бидејќи ризикот од инфекција е поголем колку подолго остане прикачен.

Најлесно се отстранува во првите неколку часа по убодот. Измијте ги рацете, дезинфицирајте ја пинцетата и внимателно фатете го крлежот што е можно поблиску до главата, веднаш до кожата. Потоа, со лесно и рамномерно повлекување извлечете го од кожата, а местото дезинфицирајте го со антисептик.

Крлежот никако не смее да се премачкува со алкохол, масло, крем, лак за нокти, петролеј или други средства, ниту да се „гори“ со пламен.

Исто така, не смее нагло да се влече, стиска или гмечи, бидејќи тогаш се грчи и испушта поголема количина секрет, а доколку е заразен, така полесно ги пренесува причинителите на болести во човечкото тело.


Кога треба да посетите лекар?

Во повеќето случаи нема потреба веднаш да се оди на лекар, освен ако во период од 7 до 10 дена, а најдоцна до четири недели по убодот, не се појават симптоми како:

• осип,

• кружно или овално црвенило кое бледее во средината,

• покачена температура,

• треска или морници.

Појавата на вакви симптоми најчесто укажува на бактериска инфекција предизвикана од бактеријата Borrelia burgdorferi, која ја предизвикува Лајмската болест, а успешно се лекува со антибиотици.


Вакцинацијата може да помогне

Со вакцинација може да се спречи појавата на крлежно-пренослив менингоенцефалитис.

Заштитата се постигнува со три дози вакцина, кои обезбедуваат имунитет во период од три до пет години. По тој период потребна е дополнителна доза доколку лицето сака да ја задржи заштитата.

Вакцинацијата особено се препорачува за луѓе кои често престојуваат во природа и имаат зголемен ризик од убод од крлеж, како шумари, ловци, планинари, туристи и рекреативци.