Мицкоски на 9 мај: Слободата не е подарок – таа е избор, жртва и одговорност

Макфакс

09/05/2026

14:25

127

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска се обрати на свеченото одбележување на 9 Мај, Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во својот говор, премиерот упати силни пораки за историскиот континуитет на македонската борба и националното достоинство.

Мицкоски нагласи дека 9 Мај е датум „врежан во совеста на човештвото“, потенцирајќи дека македонскиот народ за време на Втората светска војна бил на, како што рече, „вистинската страна на историјата“.

Тој потсети дека во борбата против фашизмот учествувале различни заедници, наведувајќи дека македонскиот народ заедно со Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци се бореле за слобода.

„Илјадници борци ги положија своите животи за слободата која денес ја живееме. Тие не се бореа само против окупаторот. Тие се бореа за правото човекот да живее слободно, да говори на свој јазик, да го чува своето име и да верува во иднината“, рече Мицкоски.

Во говорот, тој нагласи дека жртвата на борците не смее да биде заборавена или релативизирана, додавајќи дека слободата „никогаш не е подарок, туку избор, жртва и одговорност“.

„Нашите предци беа на исправната страна на историјата. Имаше и такви челници на народи кои тоа не беа. Беа непријатели во оваа битка и низ нишан се гледаа. И тоа не беа администратори, туку окупатори. И јас, без ни малку предрасуди, на сето ова гледам како на историски факти, сакал некој да признае или не, се срамел некој или не. Народите кои се издигнаа над таквите парадигми и не робуваа на историските дамки дека нивните раководства биле на погрешната страна, отидоа многу напред. Но има и такви кои заглавија во историјата и со себе сакаат да ги повлечат и другите. Моралната вертикала е многу голема кога ќе се соберат сили да се зборува и за недостатоците и грешките кои одредени држави и народи ги правеле. И тоа не може да биде една иста генерална слика за цел народ, ниту еден народ да се гледа како непријател. Тоа е заслуга и последица на тогашните раководства и нивните челници. Но во исто време, како граѓанин и како човек кој има мандат да одлучува за процесите, ниту сега ниту во иднина нема да замолчам кога станува збор за вистината за нашата борба и нема да престанам да ги вреднувам заслугите на нашите предци кои ја изборија слободата. Повторувам – тие беа на вистинската страна. На страната на слободата. Против фашизмот“, истакна премиерот.