Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска обвини дека ВМРО-ДПМНЕ користи „гебелсови методи“ за комуникација, преку ширење лажни вести, оцрнување на политички противници и создавање вештачки непријатели.
Во изјава за медиумите, Филипче рече дека политиките на ВМРО-ДПМНЕ се засноваат на пропаганда која, според него, се спроведува преку мрежа на медиуми поврзани со поранешниот унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„ВМРО соработуваше со фашистите, а и сега користи гебелсови методи за комуникација, ширење лажни вести, оцрнување луѓе, идентификување на лажни внатрешни предавници и надворешни непријатели. Сето тоа користејќи ја орбановата мрежа на медиуми тука кај нас, кога гледаме постепено во Унгарија почнува да се распаѓа“, рече Филипче.
Тој додаде дека во Унгарија започнал процес на расчистување со криминали поврзани со владеењето на Орбан и оцени дека тие случаи се поврзуваат и со структури блиски до премиерот Христијан Мицкоски.
„Еве денеска нова влада во Унгарија формира новиот премиер Петар Маѓар и најави дека веќе од утре ќе почне да се расчистува со сите криминали во сите сектори на Виктор Орбан коишто по секоја линија тука Македонија водат до Христијан Мицкоски и неговиот периметар“, изјави Филипче.
Според него, „поврзаноста меѓу владата на Мицкоски и структурите блиски до Виктор Орбан, се гледа преку договорите и проектите со Унгарија и медиумското влијание во државата“.
„Прво прашањето со кредитот од Унгарија милијарда евра е задолжена земјата за да само некои фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ користат некакви кредити. А сите ние преку нашите даноци, сите граѓани ги плаќаат тие кредити за само селектирани компании. Потоа прашањето со пругата, прашањето со телекомот и најважното прашање кое што еве таму се отвара, веќе тие медиуми во Унгарија се распаѓаат, луѓето почнуваат да се извинуваат за лажните вести кои што ги ширеле, и тоа ќе се случува и кај нас“, рече Филипче.











