Пренџов: Реформите продолжуваат со или без Венко и СДСМ

Макфакс

08/05/2026

12:59

132

Големина на фонт

а а а

Реформите продолжуваат со или без Венко и СДСМ, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.

„Денешната прес-конференција ја свикуваме во врска со случувањата со последните закони од реформската агенда, односно со лицемерието кое СДСМ и Венко Филипче се обидуваат да го протнат и во Собранието и на македонската политичка сцена. Како медиуми и јавност сте сведоци дека сите поважни законски решенија, а пред сè сите решенија од реформската агенда, се носат во една транспарентна, јавна и отчетна процедура – како никогаш досега. Сите закони беа во редовна постапка, со испочитувани рокови, со консултирани експерти, со организирани јавни расправи и слично, каде што беа поканети сите оние кои беа предложени од опозицијата, како и невладиниот сектор и меѓународните организации, Европската комисија итн“, вели тој.

Пренџов додава дека загрижува фактот што Венко Филипче и СДСМ вчера гласале против Законот за Советот на јавни обвинители и јасно испратиле порака дека се против реформската агенда, интеграциите во Европската Унија и подобар правосуден систем.

„Почитувани граѓани, согласно Деловникот на Собранието, за донесување на Законот за Советот на јавни обвинители се потребни 41 пратеник. Јасно е дека, согласно бројките во Собранието, тоа законско решение секако ќе беше донесено. Но, загрижува фактот што Венко Филипче и СДСМ вчера гласаа против ова законско решение и јасно испратија порака дека се против реформската агенда, интеграциите во Европската Унија и подобар правосуден систем. Истовремено, пред некој ден соопштија дека се повлекуваат од уште еден реформски закон – Изборниот законик, и јасно и недвосмислено ни соопштија дека се против Законот за јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура“, рече Пренџов.

Тој вели дека СДСМ де јуре зборува за Европа, а де факто никогаш не направила доволно за да бидеме чекор поблиску до Брисел.

„Затоа јавно прашувам: во чиј интерес е ова блокирање на сите реформски закони? Знам само дека не е во интерес на граѓаните и на Македонија. Почитувани, сите законски измени во поглед на исполнувањето на реформската агенда ќе бидат донесени во рамките на Собранието, со или без поддршка на СДСМ. Македонија ќе оди напред, независно од политиканството и лицемерието“, рече Пренџов.