Тимот на Вардар 1961 е нов шампион на Македонија, титула која официјално ја потврди со триумф над големиот ривал и состав кој досега беше на тронот-Еурофарм Пелистер.
Скопскиот клуб издоминира на соочувањето во СЦ „Јане Сандански“, славеше со 34-19 и го обезбеди првото место на три кола до крајот.
Искусниот Гоце Георгиевски кој долго време е во клубот призна дека постоел притисок по минатата сезона кога титулата беше испуштена на домашен терен, но дека во оваа покажале доминација.
- Пред почетокот на сезоната тоа ни беа целите, двојна круна во Македонија и четвртфинале во Европската лига. Ги остваривме зацртаните цели. Сакавме да одиме чекор понапред со Монпелје, да одиме на фајналорот, но не успеавме, ама покрај тоа зад нас е една успешна сезона.
- Сакам да им честитам на моите соиграчи за оваа цела напорна сезона, беше многу напорна, со доста притисоци, знаејќи дека минатата сезона ја загубивме титулата на домашен терен. Од тој аспект, имавме притисок на грб од лани, но покажавме доминација и заслужено сме шампиони. Нашата цел беше да ја вратиме титулата и да играме во Лигата на шампионите. Тоа го заслуживаме и се надевам ќе се прикажеме во добро светло и ќе имаме добри натпревари, изјави Георгиевски.







