„BMW“ и „Lufthansa“ претставија луксузен авион со 14 приватни апартмани
„BMW“ заедно со компанијата „Lufthansa Technik“ претстави футуристички концепт за луксузен авионски ентериер под името „The BOW“, кој обичен патнички авион го претвора во ексклузивен простор за само 28 патници.
За проектот е задолжено дизајнерското студио „BMW Designworks“, а концептот беше прикажан на саемот „Aircraft Interiors Expo“ во Хамбург.

Идејата е стандардни авиони како „Airbus A321“ или „Boeing 737“ целосно да се трансформираат – наместо повеќе од 200 седишта, внатрешноста добива приватни апартмани, салони и простори за дружење.
Во авионот се наоѓаат 14 луксузни апартмани, а секој од нив располага со простор за главниот патник и гостин.
Кабината вклучува и lounge зона, бар и мултифункционален простор за состаноци или одмор, па концептот е наменет за бизнис тимови, спортски екипи и музички турнеи.

Од „BMW“ наведуваат дека целта била создавање простор кој повеќе потсетува на луксузен хотел или модерен стан отколку на класичен авион.
Посебен фокус е ставен на минималистичкиот дизајн, квалитетните материјали и скриената технологија, вклучувајќи дискретни команди на допир и адаптивно осветлување.
Иако проектот засега е само концепт, јасно покажува колку автомобилскиот дизајн сè повеќе се преселува и во светот на авијацијата.












