Минесота му фрли ракавица на Сан Антонио и сериозно го предизвика по изненадувачката победа на првиот меч, а направениот брејк на „волците“ ги мотивираше Спарси до таа мера, што рано утрово целосно го разбија гостинскиот тим.
Виктор Вембањама доби голема поддршка од соиграчите и Сан Антонио со едно тимско издание ја декласираше Минесота, која на крајот загуби со 38 разлика во Тексас.
Сан Антонио ја научи лекцијата од првиот меч и уште во воведните 24 минути од првиот дел најави дека ќе забележи победа, а на крајот истата ја оствари со резултат 133:95.
Вембањама имаше дабл-дабл учинок од 19 поени и 15 скокови, но двоцифрени беа уште шест играчи на домашниот тим, од кои Касл постигна најмногу (21).
На вториот меч кој се играше рано утрово, Њујорк поведе со 2:0 во серијата со Филаделфија, а во победата од 108:102 најмногу се истакнаа Брансон и Ануноби со 26 и 24 поени, додека во противничкиот табор најефикасен беше Макси со 26.






