Словачка и Македонија имаат огромен потенцијал за унапредување на економската соработка. Совачка е силен поддржувач на македонската евроинтеграција, спроведување на рефомите коишто се во насока на остварување на овој процес и пренесување на своето искуство. Ова беше констатирано на тет-а-тет средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со својот колега и домаќин на средбата, министерот за финансии на Словачка Ладислав Каменицки.
На средбата беше истакнато дека Словачка е заинтересирана за трансфер на know-how во Mакедонија, во областите за кои смета дека е најподготвена, а кои се од големо значење на нашата земја во исполнувањето на неопходните ЕУ критериуми.
При тоа на средбата беше нагласено дека Словачка е подготвена за пренос на знаење во областа на јавните финансии, борбата против даночното затајување,како и во областа на јавните инвестиции.

Дополнително, беше потенцирана и силната поддршка која ја дава за имплементацијата на Националната развојна стратегија, како клучен документ што ги насочува идните развојни политики.
Министерката потенцираше дека Владата и Министерството за финансии остануваат фокусирани на одржување на макроекономската стабилност и стабилност во јавните финансии, спроведување постепена фискална консолидација, како и остварувување на повисоки стапки на економски раст, поттикнати и преку реализација на јавни инвестиции.
Станува збор, како што наведе министерката, за реформи и чекори коишто се приоритет во владините програми, но и во мерките и политиките коишто се разговараа и на вчерашните состаноци во Брисел.
Соговорниците констатираа дека економската соработка меѓу двете земји треба да се унапреди и дека во таа насока е неопходно продлабочување на бизнис поврзувањето, размена на информации и реализација на заеднички проекти.

Министерката Димитриеска-Кочоска на покана на министерот Каменици престојува денеска и утре во Република Словачка. Во рамки на посетата одвоени средби ќе остварат делегациите на двете земји, како и државните секретари од министерствата за финансии.
Заедничка прес-конференција ќе одржат министрите Димитриеска-Кочоска и Каменицки.











