Иако консумирањето масна риба е најдобар начин за внес на омега-3 масни киселини, многумина се вртат кон додатоци во исхраната. Капсулите со омега-3, често познати како рибино масло, се меѓу најпопуларните додатоци во светот кои секојдневно ги користат милиони луѓе. Но, како да знаете дали навистина ви се потребни? Лекар понуди корисен водич за сите кои имаат дилеми.
Што се омега-3 масни киселини?
Омега-3 масните киселини се сметаат за есенцијални нутриенти, клучни за создавање на мозочни клетки, зачувување на здравјето на срцето и намалување на воспалителните процеси во телото. Бидејќи организмот не може сам да ги произведе, потребно е да се внесуваат преку исхраната. Природно се наоѓаат во риба како лосос, скуша и харинга, но и во алги, како и во растителни извори како ленено и чиа семе и ореви.

Кој треба да зема додатоци?
За разлика од витамин Д или железо, за омега-3 не постои јасно пропишана препорачана дневна доза, но британската Национална здравствена служба, „NHS“, советува консумирање две порции масна риба неделно. Ако не јадете риба редовно, можеби е време да размислите за додатоци во исхраната. Лекарот Каран Раџан неодамна ја појасни оваа тема.
„Омега-3 најдобро е да се внесува преку исхраната“, изјави тој. „Но, ако не јадете барем две порции масна риба неделно, многу е веројатно дека не внесувате доволно.“
Д-р Раџан препорачува следните групи задолжително да размислат за додатоци: вегани и вегетаријанци, лица кои јадат многу малку или воопшто не јадат масна риба, како и лица со покачено ниво на триглицериди, односно маснотии во крвта. Како растителна алтернатива на рибиното масло го наведува лененото масло.
Исто така советува како да се избере квалитетен додаток. Препорачува капсули кои се тестирани од независна трета страна и кои јасно ги наведуваат количините на EPA и DHA киселини. „Целете кон вкупен внес од 250 до 500 mg DHA и EPA“, додаде. „Избегнувајте производи на кои пишува само ’рибино масло‘ без точно наведени дози.“

Постојат ли несакани ефекти?
Како и кај повеќето додатоци, постојат и можни несакани ефекти. Истражување објавено во 2024 година во списанието „BMJ“ покажа поврзаност помеѓу земањето рибино масло кај здрави возрасни лица и зголемен ризик од атријална фибрилација, неправилен срцев ритам, како и срцев и мозочен удар и срцева слабост.
Сепак, важно е да се истакне дека учесниците во истражувањето веќе имале срцеви заболувања, што значи дека и инаку биле поподложни на компликации. Истражувањето исто така покажа дека пациентите кои земале додатоци имале 15 отсто помал ризик од напредување на атријалната фибрилација во срцев удар, како и девет отсто помал ризик од смртен исход кај срцева слабост во споредба со оние кои не земале додаток.

Реагирајќи на резултатите, Британската фондација за срце нагласи дека студијата покажува поврзаност меѓу рибино масло и зголемен ризик од срцеви проблеми кај здрави луѓе, но не докажува директна причинско-последична врска.
Ако имате какви било дилеми, најдобро е да се консултирате со лекар пред да започнете или да престанете со земање додатоци со омега-3.











