Европскиот парламент целосно ја поддржува иднината на Црна Гора и Албанија во ЕУ, се наведува во извештаите за напредокот на двете земји

Макфакс

05/05/2026

16:17

113

Големина на фонт

а а а

Европскиот парламент целосно ја поддржува иднината на Црна Гора и Албанија во Европската Унија, се наведува во извештаите за напредокот на двете земји во процесот на пристапување кон ЕУ, кои денеска ги усвои Комитетот за надворешни работи (AFET).

Во извештајот за Црна Гора, усвоен со 56 гласа „за“, седум „против“ и 10 воздржани, се оценува дека Црна Гора и натаму е земјата-кандидат што води во процесот на пристапување кон ЕУ, а властите во Подгорица се повикуваат да го задржат постојниот моментум, пренесува „Н1“.

„Црна Гора се соочува со исклучително предизвикувачка година, времето е малку, а работата е многу. Овој извештај треба да биде и признание за досега постигнатиот напредок и поттик за периодот што следува. Пред сè, треба да се разбере како повик до сите актери да покажат мудрост и одговорност, за да се обезбеди помалите спорови да не ги засенат и загрозат пошироките стратешки цели“, изјави известувачот Маријан Шарец, пренесе Европскиот парламент.

Во извештајот се поздравува стабилниот напредок на Црна Гора во реформите поврзани со ЕУ, поткрепен со амбицијата преговорите да завршат до крајот на 2026 година и со стремежот земјата да стане 28-та членка на ЕУ до 2028 година.

Укажувајќи на широката поддршка на граѓаните на Црна Гора за европскиот пат на земјата, европратениците ги охрабруваат сите политички актери да останат фокусирани и да го зачуваат моментумот кон успешно завршување на пристапните преговори.

Покрај техничките критериуми за реформи, европратениците истакнуваат дека стратешката европска ориентација и непоколебливата посветеност на политичките претставници на Црна Гора кон нејзината независност и државност остануваат клучни политички критериуми во процесот на пристапување кон ЕУ.

Во извештајот се повикуваат сите државни институции да обезбедат политичките разлики да не го одложуваат усвојувањето и спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.

Се нагласува дека зачувувањето на стратешката цел – членство во ЕУ – мора да остане заеднички национален приоритет над партиските интереси, а парламентот и владата на Црна Гора се повикуваат да спречат идентитетските прашања да го одвлечат вниманието од европската агенда.

Извештајот ја истакнува важноста од мерливи и трајни резултати во спроведувањето на реформите, особено во областа на правосудството, владеењето на правото и управувањето со јавните финансии. Борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и прашањата за слободата на медиумите и граѓанското општество, исто така остануваат високо на агендата.

Европратениците го поздравуваат доследното и целосно усогласување на Црна Гора со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и рестриктивните мерки на ЕУ против Русија.

Се истакнува дека, како најнапредна земја-кандидат, Црна Гора треба да продолжи да игра конструктивна и стабилизирачка улога во регионот на Западен Балкан.

Извештајот изразува сериозна загриженост поради упорното и сè поинтензивно злонамерно странско мешање, хибридни закани и кампањи за дезинформирање од актери од трети земји.

Целта на тие активности е поткопување на демократските институции на Црна Гора, општествената кохезија и нејзината стратешка ориентација кон ЕУ, посочија европратениците, со посебно истакнување на злонамерното влијание на Кина, Русија и Србија.

Во извештајот за Албанија, европратениците ја пофалија нејзината посветеност на пристапувањето кон ЕУ и напредокот во пристапните преговори, нагласувајќи дека сега е клучно спроведувањето на усвоените реформи.

Во извештајот, усвоен со 58 гласа „за“, седум „против“ и седум воздржани, членовите на Комитетот за надворешни работи ја поздравуваат исклучителната посветеност на Албанија кон европските интеграции и брзиот напредок остварен во последните години, повикувајќи ги властите да обезбедат темелна примена на усвоеното законодавство.

Сепак, се наведува дека, и покрај постигнатиот напредок, Албанија и натаму се соочува со низа предизвици, како што се надминување на внатрешната политичка поларизација и унапредување на политичката култура, зајакнување на владеењето на правото и консолидирање на антикорупциските реформи.

Потсетувајќи на амбицијата на Албанија да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година, во извештајот се предупредува дека квалитетот на реформите во земјата ќе ја одреди динамиката на пристапувањето.

Иако го пофалуваат континуираното спроведување на реформата во правосудството, европратениците напоменуваат дека правосудството и натаму се соочува со политички притисоци и закани, што може да ја загрози неговата независност.

Дополнително, и покрај напредокот во борбата против корупцијата, таа и понатаму претставува сериозен проблем, наведуваат европратениците.

Во текстот се нагласува дека Албанија мора дополнително да ги зајакне резултатите во истрагите, кривичните гонења и правосилните пресуди, особено во случаи на корупција на високо ниво.

Исто така се истакнува значењето на ефикасната борба против организираниот криминал, вклучително и перењето пари и мрежите за трговија со дрога.

Извештајот повикува на дополнителни напори во заштитата на слободата на изразување и медиумскиот плурализам, како и на напредок во реформата на јавната администрација за да се обезбеди вработување засновано на заслуги и деполитизација на државната служба.

Иако се поздравува ангажманот на Албанија во спроведувањето на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, извештајот укажува на трајни структурни слабости, како што е сложеното деловно опкружување.

Исто така се нагласува клучното значење на вистинскиот социјален дијалог за остварување на придобивките од проширувањето за сите слоеви на општеството.

Европратениците, исто така, го пофалуваат континуираното целосно усогласување на Албанија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и нејзината конструктивна улога во промовирањето на регионалната стабилност.

Известувачот на Европскиот парламент, Андреас Шидер, изјави дека денеска усвоениот извештај ја одразува фактичката состојба дека „Албанија е една од предводничките во процесот на пристапување кон ЕУ“.

„Целта на Албанија да ги заврши пристапните преговори до крајот на 2027 година не е само желба што можеби ќе се оствари, туку реална перспектива“, оцени тој.

Шидер додаде дека извештајот става фокус и на социјалните прашања.

„Клучно е во процесот на пристапување да не се фокусираме само на параметри како владеењето на правото и економијата. Потребно е да се обезбеди воспоставување функционален социјален систем, со синдикати и цврсти закони за работни односи кои на прво место ги ставаат правата на работниците. Само на тој начин можеме да бидеме сигурни дека Албанија навистина е подготвена да стане дел од Европската Унија“, заклучи тој.

По усвојувањето во AFET, Европскиот парламент ќе гласа за извештаите за Црна Гора и Албанија на некоја од наредните пленарни седници, соопшти Европскиот парламент.