Гаши по повод Денот на македонскиот јазик: Тој е еден од столбовите на нашата држава

Макфакс

05/05/2026

12:39

90

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод Денот на македонскиот јазик порача дека македонскиот јазик претставува еден од столбовите врз кои се гради државата и има клучна улога во институционалното функционирање на земјата.

Тој истакна дека македонскиот јазик е развиен јазик на книжевноста, образованието, науката и културата и нагласи дека во мултиетничко општество почитувањето на сите јазици и култури е темел на кохезијата и соживотот.

„Во име на Собранието на Република Северна Македонија и во мое лично име, ви ги упатувам моите најискрени честитки по повод Денот на македонскиот јазик.

Македонскиот јазик претставува еден од столбовите врз кои се гради нашата заедничка држава. Покрај тоа што овозможува комуникација, македонскиот јазик е и средство за институционално функционирање и службена комуникација во нашата земја.

Како посебен јазик во групата на јужнословенските јазици, македонскиот јазик успеа да биде развиен јазик на книжевноста, образованието, науката и културата. Покрај тоа, како дел од Балканскиот јазичен сојуз, македонскиот јазик, заедно со албанскиот и другите јазици, создадоа уникатни особености што придонесоа за оформување и на нова лингвистичка дисциплина, каква што е балканистиката.

Во едно мултиетничко општество како нашето, почитувањето на јазиците и културите на сите заедници е темел на кохезијата и соживотот. Промоцијата на македонскиот јазик оди паралелно со нашата посветеност да ги гарантираме јазичните права на секој граѓанин, градејќи мостови на разбирање и меѓусебна почит.

Собранието останува посветено на унапредување на институционалните стандарди и спроведување практики што гарантираат јасна, ефикасна и одговорна комуникација.

Да продолжиме заедно да работиме на зачувување, збогатување и промовирање на македонскиот јазик, како и на зајакнување на единството и хармонијата во нашата земја“, се вели во честитката на Гаши.