Трката за ГН на Мајами во Формула 1 шампионатот доби нов почетен термин, со кој организаторите сакаат да го минимизираат ризикот од евентуални прекини поради лошите временски услови.
Најавените грмотевици се закануваа не само со прекин, туку и целосно откажување на трката, па во обид да се избегне непосакувано сценарио, почетокот на возбудувањата во Мајами е поместен за три часа порано.
Според последната одлука, трката наместо во 16, ќе започне во 13 часот по локално време, а за нашата временска зона тоа подразбира поместување од 22 на 19 часот.
Екипите имаат помалку време за подготовки поради скратеното време меѓу квалификациите и трката, но барем фановите побрзо ќе можат да ги следат новите возбудувања на патеката.
Пол-позицијата ја освои Кими Антонели, а во првиот ред е и Макс Ферстапен.







