Министерството за енергетика и рударство на Црна Гора објави меѓународен јавен повик за доставување понуди за изведување работи за спроведување мерки за енергетска ефикасност во јавните образовни установи. Повикот е дел од проектот „Подобрување на енергетската ефикасност во јавните згради – озеленување на јавната инфраструктура во Црна Гора“.
На овој начин, Црна Гора отвора дополнителни можности за македонските градежни, инсталатерски и енергетски компании да се пријават на големиот меѓународен тендер на Германската развојна банка KfW, и да учествуваат во регионалните проекти за енергетска обнова на јавните згради и да придонесат кон зелената транзиција во регионот.
За македонските компании, овој повик претставува можност за влез на регионалниот пазар на енергетска ефикасност, пренос на технологии и искуства стекнати на проекти во Р.С. Македонија, како и зајакнување на референците за идни меѓународни тендери.

Во согласност со објавениот јавен повик, тендерот ги опфаќа следниве локации и групи работи:
Кластер VII – Лот 1
· Секција 1 – Средно училиште „Стојан Церовиќ”, Никшиќ
· Секција 2 – ССУ „Средно стручно училиште” и „Прво средно стручно училиште”, Никшиќ
Кластер VII – Лот 2
· Секција 1 – Основно училиште „Радоица Перовиќ”, Подгорица
Повикот опфаќа сеопфатна енергетска обнова на наведените училишта во Црна Гора, вклучувајќи топлинска изолација на обвивката на зградата, замена на надворешната столарија, модернизација на системот за греење и вградување на напредни системи за управување со потрошувачката на енергија.

Проектот се финансира со кредитни средства на Германската развојна банка KfW, неповратни средства на Европската унија и кофинансирање од буџетот на Црна Гора. Вкупната вредност на проектот изнесува 60 милиони евра.

Тендерската документација е достапна по електронски пат, без надоместок, со претходно барање упатено до следнава адреса на е-пошта: djordjina.lovric@ee-me.org. Подетални информации за предметот на повикот, условите за учество и роковите се наоѓаат на официјалната страница на Владата на Црна Гора, во рубриката јавни повици, на следниов линк.

Заинтересираните компании кои ги исполнуваат бараните технички и финансиски услови можат да ги достават своите понуди најдоцна до 4 јуни 2026 година до 12 часот, во согласност со правилата за меѓународно наддавање наведени во тендерската документација.
Фото: Медиабиро Подгорица















