Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја проследи вежбата „Блесок 26“, дел од програмата на НАТО, којашто се реализираше од 19 до 27 април на полигонот „Криволак”.
Според неа, уште еднаш се докажа дека највисоките оценки за Лесната пешадиска баталјонска група не се случајни, туку се засновани врз манифестираното знаење, дисциплина, искуство и одговорност на македонската Армија, што ја профилираат како рамноправен, квалификуван и кредибилен член на Алијансата.

„За мене, полигонот ‘Криволак’ веќе не е македонска периферна географска точка, туку лакмус за тестирање на македонската одбранбена подготвеност, важно камче во НАТО-мозаикот, служејќи му на мирот, како општо добро, во време на растечки безбедносни закани. Денес тука, на самово место, in medias res, ќе бидеме не само сведоци, туку и коевалуатори на македонската одбранбена политика заснована врз докази, оценувајќи го степенот на неопходната хармонија меѓу знаењето и дисциплината, искуството и одговорноста, способноста за управување со современо оружје, елементи важни за компатибилноста на нашата армија со сестринските, но и за усогласената заедничка безбедносна политика“, рече Сиљановска – Давкова.
За неа, „Блесок 26“ е успешно положен тест за македонската подготвеност за брз и ефикасен воен одговор на реалните предизвици со коишто е соочен светот, во амбиент на тектонски промени на меѓународниот поредок и растечки закани по мирот и безбедноста.

„’Блесок 26′, како дел од програмата на НАТО, е јасен израз на нашата посветеност кон колективната одбрана, регионалната стабилност и мирот. Ова го потенцираше и генералнот секретар Руте при неодамнешната посета. Вежбава е тест за нашата подготвеност за дејствување во мировни операции, за справување со хибридни закани и за рамноправно учество во колективниот безбедносен систем. Со повеќе од 1.500 учесници, таа не е само воена проверка, туку јасен израз на меѓусебна доверба, за блескава светлина којашто ја изразува цврстината на сојузништвото и силата на заедништвото. Горда сум на Лесната пешадиска баталјонска група и на нејзините највисоки оценки проследени со најважната: дека е борбено подготвена за извршување на својата мисија. Ова е значаен државен, армиски, професионален и морален успех зад којшто стојат објективни мерливи критериуми и докази, јасно утврдени стандарди и сериозна методологија, но и страсна и посветена работа, суверено раководење и огромен труд вложен од секој припадник на единицата“, рече претседателката.

Таа истакна дека нашата армија е фактор на стабилност и чувар на глобалниот мир и дека денес повеќе од 180 припадници на Армијата, под македонско знаме, се вклучени во мировни мисии и операции.
„Силата на една современа армија не се мери само со опремата којашто ја поседува, туку и со меритократијата во регрутирањето и унапредувањето, постојаната стручна надградба и достоинствените услови за живот и работа на луѓето во униформа“, рече Сиљановска – Давкова.
Присутните ја проследија реализацијата на тактичката вежба „Воведување на лесна пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) во офанзивни операции“.

По завршувањето на вежбата, претседателката им честиташе на учесниците за успешната реализација на истата.
На настанот, свои обраќање имаа и: министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и началникот на Ј-9 на Командата на здружените сили на НАТО во Неапол, контраадмирал Торстен Маркс.
Меѓу присутните гости беше и командантот на НАТО корпусот за брзо распоредување од Грција, генерал-потполковник Григориос Боунтлиакис.
















