„Оризот се откупува по мизерни 20 денари, оризопроизводителите се на раб на егзистенција“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, при неговата посета на кочанскиот регион.
„Жално и трагично ова што го слушам откако дојде оваа власт, никако и со ниту еден чекор не се направи нешто да им се помогне на овие луѓе. Замислете, годинава, производната цена е поголема од продажната. Со растот на трошоците на ѓубривото, на водата, на работната рака, сега еден килограм ориз се произведува за некаде околу 30 денари или 32 денари, а откупната цена е околу 20 денари. Никој не го откупува оризот повеќе. Луѓето се соочуваат со сериозни егзистенцијални проблеми“, рече Филипче.
Тој кажа дека освен дополнително им се намалени и субвенциите по декар земја за 300 денари, од 2.100 на 1.800 денари и дека каналите за вода не се исчистени.
„Вода од Калиманското езеро не е пуштена. Значи, се поставува прашањето дали некој од министерството воопшто води сметка за секторот. Најлошиот ресор во оваа влада, овие луѓе, овие министри, како да се натпреваруваат, кој од кој ќе биде полош“, рече Филипче.
Тој предупреди дека оваа сезона нема да има род на ориз. „Министерот, премиерот, луѓето кои што се заинтересирани само за својот комодитет, и ништо друго. Треба да дојдат и да ги слушнат овие луѓе. Да дадат најмалку 20 денари по килограм дополнителна субвенција, за да може да преживеат луѓето, за да може насад да има оваа сезона, а понатаму да се зборува и како да се зголеми дополнително и откупната цена“, рече лидерот на СДСМ.
Ваква незаинтересираност, додаде тој, вакво дилетантско водење на влада, оваа држава не видела. „Овие граѓани, овие луѓе кои ќе работат, кои живеат од земјоделството, тоа едноставно не го заслужуваат“, рече Филипче.











