Учесникот на маратонот во Лондон, Џордан Адамс, ја истрча трката со фрижидер на грбот.
Овој потег со трчање со фрижидер тежок 25 килограми е дел од предизвикот за подигање на свеста за фронтотемпоралната деменција.
Адамс учествувал на 32 маратони во 32 дена, откако ја изгубил својата мајка поради фронтотемпорална деменција, додека тој и неговиот брат го носат истиот ген. Согласно тоа, учеството на оваа трка за него е особено симболично.
Фрижидерот на грбот ја симболизира невидливата тежина што ја носат луѓето кои боледуваат од оваа болест, а која никој друг не може да ја види.

По успешно истрчаната трка, особено внимание привлече емотивната прегратка на Адамс и неговиот брат. Исто така, снимките од неговата успешна трка собраа низа позитивни реакции.
Само некои од коментарите за неговиот потег беа: „Ти си легенда и правиш голема промена во светот“, „Совршен си“, „Секоја чест“, „Тој е вистински херој“, „Неговата мајка сигурно би била горда“.






