Европската Унија прави сериозна грешка што не влегува во директен дијалог со руското раководство за прекин на војната во Украина, изјави за „Политико“ албанскиот премиер Еди Рама.
„Можам да кажам дека Европа направи голема стратешка грешка со прекинувањето на сите канали (комуникации) со Русија. Европа мора секогаш, секогаш да разговара со сите“, рече Еди Рама во интервју за „Политико“ на Економскиот форум „Делфи“ во Грција.
Овие изјави се во спротивност со пристапот на водечките претставници на ЕУ, како што се претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и главната дипломатка на ЕУ Каја Калас, кои избегнуваат директен контакт со руските лидери, вклучително и претседателот Владимир Путин, тврдејќи дека ваквите разговори се бесмислени ако Москва е решена да ја продолжи војната во секој случај.
Според мислењето на Рама, Европа се турка настрана од секој иден мировен договор меѓу Украина и Русија избегнувајќи директен ангажман со Москва.
„Колку повеќе ги одложуваме (разговорите со Русија), толку помалку влијание ќе имаме на крајот, бидејќи Русија – без разлика како ќе заврши оваа војна – Русија нема да оди никаде“, рече тој.
Тој додаде дека неговата земја нема никаква врска со Русија.
„Ние немаме никаква зависност од Русија, никакви инвестиции, нема руски гас или руски глупости, па можам да го кажам тоа“, изјави тој.
„Островот на Кушнер“
„Политико“ го опишува Рама како поранешен професионален кошаркар кој ја балансира својата улога како државник со сопственото уметничко дело.
Во текот на 13-те години од раководењето на Рама, објавува овој медиум, Албанија се позиционираше како силно проевропска, а во исто време одржуваше односи со САД и претседателот Доналд Трамп, чии цели во војната со Иран, Рама јавно ги пофали.
„Не е до нас (Албанија) да одлучиме како треба да се третира Иран на глобалната сцена, туку од нас е да го поддржиме секој обид за ослабување на тој режим и евентуално соборување“, рече албанскиот премиер, додавајќи дека ќе ѝ дозволи на американската војска да спроведува операции од Албанија под услов Вашингтон да обезбеди „воздушна заштита, што ние ја немаме во земјата“.
Срдечните врски на Рама со Вашингтон вклучуваат тековни преговори меѓу неговата влада и компанија во сопственост на зетот на Трамп, Џаред Кушнер, за потенцијален инвестициски договор за островот Сазан, покрај брегот на Албанија, пренесува медиумот.
Кушнер, според написите, преку неговата компанија „Афинити партнерс“, преговара за инвестиција од околу 1,29 милијарди евра, со цел да претвори ненаселен остров од пет квадратни километри во Јадранското Море во луксузно еко-одморалиште со вили од висока класа, марини и бункери за богати посетители.
Плановите предизвикаа насилни протести од еколошките групи, при што 41 организација им пишаа на Рама и неговиот министер за заштита на животната средина во јануари, барајќи итно прекинување на преговорите, тврдејќи дека плановите претставуваат „директна спротивност“ на обврските на Албанија во процесот на пристапување кон ЕУ.
Запрашан за овие планови, Рама ја изрази својата фрустрација:
„Неверојатно е што дури и големите (медиумски) канали, високо почитувани низ целиот свет, зборуваат за продажба на островот на Џаред Кушнер. Тоа не е вистина. Не знам како да го спречам тоа бидејќи не склучивме договор со Џаред Кушнер. Преговараме за договор со Џаред Кушнер.“
Разговорите за договорот се водат уште пред вториот мандат на Трамп, додаде Рама, во време кога „не беше јасно дали тој ќе биде во Белата куќа или во затвор.“
„Сепак, овој договор во никој случај не треба да ја попречи кандидатурата на Албанија за членство во Европската Унија, процес во кој ние, заедно со Црна Гора, сме во водечката група“, рече Рама.
Напротив, „би сакал конечно да постигнеме договор, бидејќи ако оваа инвестиција се реализира, тоа ќе биде убав подарок за Европа“, рече тој, додавајќи дека станува збор за „убавина, за одржлив развој“.
Еден функционер на ЕУ, кој доби анонимност за да може слободно да зборува, рече дека Европската комисија е свесна за планираната продажба и дека засега нема коментар за нејзиното потенцијално влијание врз кандидатурата на Албанија за членство, пишува „Политико“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Поврзани Артикли:Рама
РегионВујиќ по посетата на Хаг: Младиќ е во критична состојба, бараме итно лекување во СрбијаОбјавено пред 20 минути - 24 април, 2026Од В. Ј. / Макфакс
Српскиот министер за правда Ненад Вујиќ денес изјави дека мислењето на српските лекари кои го посетиле генералот Ратко Младиќ во затворот во Хаг, како и мислењето на министерот, е дека не му е обезбеден соодветен третман во затворот.
Вујиќ нагласи дека пуштањето на Младиќ да се лекува во Србија не е прашање на политика, ниту пресуда, туку прашање на живот, бидејќи ќе му биде обезбеден соодветен третман во Србија, што не е можно во затворската болница во Хаг.
Министерот изјави дека го посетил Младиќ во затворот во Хаг во понеделникот, и дека тогаш изгледал многу лошо, и дека го донеле во собата за посети во кревет.
Како што рече Вујиќ, Младиќ го имал 11-тиот или 12-тиот мозочен удар на 10 април, и дека за време на посетата на министерот, 10 дена по мозочниот удар, лекарите не знаеле дали имал мозочен удар или тромб.
Зборувајќи за гаранциите дадени од Механизмот на Владата на Србија, Вујиќ изјави дека прво семејството на Младиќ поднело барање за негово лекување во Србија, а потоа Србија дала најшироки гаранции и додаде дека за време на разговорот му рекол на претседателот на судот дека доколку судот смета дека е потребно нешто друго, дека Владата на Србија е подготвена да даде дополнителни гаранции.
Прикажи повеќе...Регион(Видео) Демолирал автомобил во Тузла, па пропаднал низ покривот – снимката се прошири на социјалните мрежиОбјавено пред 3 часа - 24 април, 2026Од Е. Т. / Макфакс
Во Тузла вчера околу 18 часот се случил инцидент во кој маж демолирал патнички автомобил, а на крајот и самиот пропаднал низ неговиот покрив. Снимката од настанот брзо се прошири на социјалните мрежи.
На видеото се гледа како мажот со палка удира по возилото, а потоа се качува врз него. Откако извесно време скокал по покривот, тој пропаднал во внатрешноста на автомобилот, јавуваат регионалните медиуми.
Од Оперативниот центар на Министерството за внатрешни работи на Тузланскиот кантон за Авaз потврдиле дека мажот е уапсен.
Тој се товари за кривично дело „оштетување туѓа ствар“, а полицијата спроведува истрага за да ги утврди сите околности и мотиви за овој настан.
Прикажи повеќе...РегионСилен земјотрес го погоди КритОбјавено пред 5 часа - 24 април, 2026Од А. O. / Макфакс
Земјотрес со интензитет од 5,8 степени според Рихтеровата скала го погоди островот Крит рано утрово, објавија локалните медиуми.
Земјотресот се случил околу 6:20 часот наутро, а епицентарот бил на длабочина од 10 километри, според ЕМСЦ.
Раководителот на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси, Ефтимиос Лекас, изјави за ЕРТ дека земјотресот бил почувствуван низ целиот Крит, како и на островите Касос и Карпатос, додавајќи дека сè уште се чекаат точни податоци.
Заменик-гувернерот на Ласити, Јанис Андроулакис, рече дека земјотресот траел подолго и бил почувствуван низ источниот дел од островот, од Ситија до Хераклион, поради што службата за цивилна заштита е ставена во состојба на готовност.
Според извештаите, не е пријавена материјална штета, додека се регистрирани низа послаби потреси.
Очевидци рекоа дека земјотресот траел долго, дека ги разбудил и дека мебелот бил поместен.
Прикажи повеќе...















