Годишната стапка на инфлација во еврозоната се зголеми на 2,6 проценти во март, според ревидираните податоци. Во февруари изнесуваше 1,9 проценти.
Очекувањата на европските потрошувачи значително се влошија во април, според месечното истражување на Европската комисија, што го одразува стравот од пораст на цените поради наглото зголемување на цените на енергенсите под влијание на блокадата на испораките од регионот на Персискиот Залив.
Индексот што ги мери очекувањата на потрошувачите во еврозоната падна за 4,2 поени во април во однос на март, на минус 20,6 поени. Индексот на ниво на ЕУ исто така покажа значително влошување, со пад од четири поени на минус 19,4 поени.

Вредностите на двата индекса се значително под долгорочниот просек, наведува Комисијата, и се најниски од преминот од 2022 на 2023 година.
Истражувањето е спроведено од 1 до 21 април во сите 27 земји членки на ЕУ и во 21 членка на еврозоната, се наведува во извештајот.
На расположението на потрошувачите во април влијаеше и наглиот раст на цените поради војната на Блискиот Исток. САД и Израел го нападнаа Иран кон крајот на февруари, а Техеран ја презеде контролата над Ормускиот Теснец, забранувајќи транзит на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.
Во такви услови, снабдувањето со енергенси од регионот на Персискиот Залив речиси пресуши, а цените на енергенсите за граѓаните на ЕУ и еврозоната се зголемија за повеќе од пет проценти во март на годишно ниво.
Годишната стапка на инфлација во еврозоната се зголеми на 2,6 проценти во март, според ревидираните податоци. Во февруари изнесуваше 1,9 проценти.

Европската централна банка (ЕЦБ) во средината на март процени дека инфлацијата во еврозоната би можела да порасне на 4,4 проценти оваа година доколку нормализацијата на снабдувањето со енергенси се одложи до првиот квартал од 2027 година.
Доколку продолжи, војната би можела дополнително да ги зголеми цените на енергенсите и да влијае врз довербата на компаниите и домаќинствата, намалувајќи ја нивната склоност кон потрошувачка и инвестирање, предупреди ЕЦБ во март. Комисијата ќе објави целосен извештај за економските очекувања во Европската Унија и еврозоната кон крајот на април.











