Германската бродска компанија „Хапаг-Лојд“ потврди дека еден од нејзините бродови успешно поминал низ Ормускиот теснец. Компанијата додаде дека четири од нејзините шест брода се уште се во Заливот, додека за еден брод истекол договорот за наем, објави „Скај њуз“.
Портпаролот на „Хапаг-Лојд“ не даде никакви детали за времето или околностите под кои бродот поминал низ теснецот. Ситуацијата останува напната бидејќи Иран го држи водниот пат затворен, додека САД спроведуваат блокада на областа.
Под нормални околности, околу една петтина од светските залихи на нафта и течен природен гас минуваат низ Ормускиот теснец. Неговото затворање, наредено од Техеран, негативно влијаеше врз економиите низ целиот свет.
Прашањето за Ормускиот теснец, исто така, стана централна точка во политичките преговори. САД бараат Иран повторно да го отвори теснецот за бродови, додека Иран бара да се укине блокадата на САД. Целата ситуација е дополнително оптоварена од стравувањата дека водниот пат е миниран.







