Македонското еколошко друштво ќе ги стипендира преспанските матуранти кои ќе запишат студии по екологија, биологија, шумарски или земјоделски науки

Макфакс

22/04/2026

09:34

144

Големина на фонт

а а а

Македонското еколошко друштво ќе доделува стипендии до 400 евра месечно за матурантите од Преспа кои ќе запишат универзитетски студии по екологија, биологија, шумарски или земјоделски науки.

Програмата е наменета за средношколците од Преспа и има за цел да го надмине локалниот недостиг од кадар во природните науки поврзани со заштитата на природата и животната средина. На тој начин, идните студенти ќе можат да стекнат знаење и вештини што ќе им овозможат активно да придонесат кон зајакнување на локалните капацитети за заштита и зачувување на природата и биолошката разновидност во Преспанскиот Регион.

Покрај финансиската поддршка што ќе ја добијат избраните студенти, Македонското еколошко друштво исто така ќе ги вклучи во својата менторска програма преку која ќе стекнат практично и теренско искуство во истражувањето и заштитата на видовите и живеалиштата во Преспа.

Повеќе информации за програмата за стипендирање, начинот на учество и критериумите за селекција, заинтересираните средношколци и нивните родители можат да добијат во локалната канцеларија на Македонското еколошко друштво во Ресен, или преку електронска пошта на следните адреси: zaec@mes.org.mk и eftimovski@mes.org.mk. Заинтересираните кандидати за стипендија треба да го изразат својот интерес преку пополнување на приложениот образец (достапен ТУКА) и да го испратат на погоре посочените електронски адреси, или да го достават во канцеларијата на Македонското еколошко друштво во Ресен.

Оваа програма за стипендирање се реализира во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа – Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.