Дејвид Грос, физичар кој во 2004 година ја доби Нобеловата награда, за „Live Science“ зборуваше за својата работа, а потоа упати остро предупредување до човештвото кое, според него, би можело да се соочи со егзистенцијална катастрофа за приближно 35 години.
„Во моментов дел од своето време го поминувам обидувајќи се да им кажам на луѓето дека шансите дека ќе живеете уште 50 години се многу мали. Поради опасноста од нуклеарна војна, имате приближно 35 години“, изјави познатиот физичар, со напомена дека станува збор за „груба проценка“.
„Дури и по завршувањето на Студената војна, кога имавме договори за стратешко вооружување, од кои сите исчезнаа, постоеја процени дека секоја година постоела шанса од 1 отсто за нуклеарна војна. Работите толку многу се влошија во последните 30 години, како што гледате секојпат кога читате весници. Шансите поверојатно се 2 отсто. Тоа е шанса еден спрема 50 секоја година“, објасни, па наведе што би можело да се преземе за да се намали ризикот.

„Постојат чекори што државите можат лесно да ги преземат. На пример, да разговараат меѓусебно. Во последните десет години повеќе нема договори. Влегуваме во неверојатна трка во вооружување. Имаме три суперсили со нуклеарно оружје. Луѓето зборуваат за употреба на нуклеарно оружје, во средината на Европа се води голема војна, го бомбардираме Иран, Индија и Пакистан беа на работ на војна“, рече физичарот.
„Сега постојат девет нуклеарни сили. Дури и три се бесконечно посложени од две. Договорите, нормите меѓу државите, сè се распаѓа. Оружјето станува сè поопасно. Автоматизацијата, а можеби и вештачката интелигенција, наскоро ќе ја преземе контролата над тие системи“, наведува.
Додава дека ќе биде тешко да се спротивстави на тоа вештачката интелигенција да носи одлуки, бидејќи дејствува многу брзо.











