Таму каде што прецизноста се сретнува со движењето, се создава партнерство што не само што трае, туку и постојано се развива. На отворањето на Танц Фест Скопје 2026, Божиновски, преку својата фондација, го озваничи партнерството со Интерарт Културен Центар – соработка изградена врз заеднички вредности, доверба и континуирана поддршка на младите уметници.
Во рамки на свеченото отворање, на 18 април се одржа финалето на Националниот натпревар „Роксан Стојанов“, во организација на Интерарт Културен Центар, Танц Фест Скопје, Францускиот институт и Француската амбасада, под покровителство на Претседателката на Републиката, г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова. Натпреварот претставува значајна платформа за афирмација на млади балетски таленти и место каде што иднината на уметноста добива поддршка и јасна насока.

По финалните изведби, жирито ги додели наградите: првото место го освои Виола Имери, второто ѝ припадна на Антонија Атанасовска, а третото место го освои Јана Кепеска. Во рамки на својата мисија, Фондација Божиновски ќе го поддржи престојот на победничката Имери за школување во престижното училиште на Роксан Стојанов во Париз, продолжувајќи да инвестира во развојот на младите таленти и нивниот меѓународен пробив.


Како признание за нивниот труд, дисциплина и уметничка прецизност, Божиновски додели Tissot часовници на првите три финалистки. Дополнително, во рамки на настанот беше поставен изложбен амбиент со селекција на часовници, каде посетителите имаа можност да го доживеат времето како дел од уметничкото искуство.



Во простор каде секое движење има ритам, а секој момент свое значење, средбата меѓу часовникот и посетителот доби речиси кореографска форма, суптилен дијалог меѓу елеганцијата, времето и личниот избор. Токму во ваквите моменти се открива суштината на партнерството меѓу Божиновски и Интерарт: спој на дисциплина и креативност, традиција и современ израз.










По повод двата јубилеи: 30 години Божиновски и 30 години Интерарт, ова партнерство влегува во нова фаза. Со заедничка визија, двете институции продолжуваат да создаваат вредност, да отвораат можности и да ги поддржуваат новите генерации уметници. Заедничкиот танц не е само симболика, туку активна и долгорочна посветеност кон уметноста, времето и луѓето што ја движат напред.















