Драма во судницата на рочиштето за „Пулс“: Повикана беше Брза помош за обвинетиот Дејан Јованов-Деко

A1ON.MK

20/04/2026

16:55

322

Големина на фонт

а а а

Брза помош беше повикана на паузата од денешното рочиште за случајот „Пулс“ во судницата во „Идризово“ поради влошување на здравствената состојба на првообвинетиот Дејан Јованов‑Деко, откако неговата одбрана побара замена на притворот со мерка куќен притвор.

Адвокатката Коцевска на паузата во изјава за медиумите рече дека на Деко му била направена сериозна операција на лумбалниот `рбет на две нивоа.

– И покрај жалбите за укинување на мерката притвор, таа не беше укината и беше вратен во притворски услови. Таму се третираше импровизирачки од страна на нестручни медицински лица кои што придонесоа да во петокот, на 17 април, му биде извршена втора операција поради јавен голем црвен оток, полн со гнојна содржина. Поради тоа бил веднаш спроведен на итна операција, кој што денеска на најнехуман начин беше спроведен директно од болница на денешното судење иако во таква состојба тој треба да биде хоспитализиран. Неговата рана е отворена и подложна на дополнителна инфекција. Не е сошиена бидејќи истата би можела дополнително да собира гнојна содржина. Од овие причини, одбраната јавно апелираше и го истакна овој предлог пред судечкиот совет бидејќи по писмен пат нема никаква реакција – рече Коцевска.

Судот по паузата информираше дека првообвинетиот на паузата се пожалил на влошување на неговата здравствената состојба, по што била повикана брза помош.

– По извршена интервенција судот го информира дека на обвинетиот му е даден совет за земање храна и вода, што му беше понудена, но истиот ја одби. Со оглед дека од брзата помош судот беше информиран дека истиот по дадената интервенција може да продолжи со следење на денешната расправа – изјави Груевска Илиевски.

Претходно денеска одбраната на првообвинетиот за пожарот во Кочани од судот побара да му биде заменет притворот со мерка куќен притвор поради сериозно и алармантно влошување на неговата здравствената состојба.

Бранителката на Деко, адвокатката Коцевска, пред почетокот на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, изјави дека „мерката притвор не соодветствува со целта, ова не е мерка за обезбедување присуство, туку казна пред судење“.

Судијката Дијана Груевска-Илиевски рече дека судот е многу добро запознаен со здравствената состојба и поради итност, со негова согласност е однесен на операција во петокот.

– Таму сите лекари рекоа дека се потребни три дена мирување. Тие се поминати и затоа денеска е спроведен. Немаме такви сознанија од затворскиот лекар, а ние постапуваме по тоа – изјави Груевска-Илиевски.

Од Јавното обвинителство рече дека ги сослушале наводите и по разгледување на документацијата, на крајот од денешната расправа ќе одлучат дали ќе се произнесат или тоа ќе го направат писмено.