Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари проштална средба со Фаисал Гази Исмаил Хифзи, нерезидентен амбасадор на Кралството Саудиска Арабија со седиштето во Тирана.
„Претседателот Гаши му оддаде признание на амбасадорот за неговиот личен ангажман и дипломатски вештини со кои значително придонел за зајакнување на мостовите меѓу двете пријателски земји. Тој истакна дека во иднина очекува да продолжи процесот на отворање резидентни амбасади во Скопје и Ријад, што ќе претставува историски чекор напред за меѓусебните билатерални односи“, соопшти собраниската прес-служба.
Гаши ја поздравил клучната и конструктивна улога на Кралството Саудиска Арабија во новата и комплексна геополитичка реалност на Блискиот Исток и истакнал дека високо ја цени нивната политиката за деескалација, дијалог и изнаоѓање одржливи решенија за мирот во регионот.
Амбасадорот Исмаил Хифзи потенцирал дека интензивно работел на продлабочување на економските врски и поттикнување на интересот за саудиски инвестиции на македонскиот пазар како и за јакнење на односи меѓу двете држави со размена на посети на високо ниво.
„Двајцата соговорници се согласија дека е потребно унапредување на меѓусебната соработка во сферите на културата, образованието и туризмот што ќе значи уште поголемо запознавање и зајакнување на соработката меѓу двете држави“, се наведува во соопштението.







