[ФОТО] Едно од најубавите села во Европа изгледа како шлаг на торта: Се крие веднаш покрај океанот, а некогаш било омилено засолниште на кралевите

Точка

20/04/2026

19:23

347

Големина на фонт

а а а

Во рамките на природниот парк Синтра-Каскаис во Португалија се кријат разни чуда, а едно од нив се вика Азењас до Мар.

Тоа е мало место, стуткано на работ од огромна карпа со прекрасен поглед кон Атлантскиот Океан. Со своите зданија обоени во бела и црвена боја, изгледа како шлаг на торта од карпи украсена со црвени цреши… Азењас до Мар навистина би можел да биде „шлагот на тортата“ и тоа во контекст на престојот во областа на главниот град на Португалија.

Уште една опција за излет во околината на Лисабон

Ова шармантно место е оддалечено само околу 30 километри од Лисабон, а уште помалку од малку мистичната Синтра. За оние што го посетуваат Лисабон, блиската Синтра често е еднодневен излет, па тогаш се поставува прашањето — зошто да не се продолжи и до шармантното Азењас до Мар?

Името многу кажува за историјата на ова место, во кое секојдневието го делат неколку стотици постојани жители. Азењас до Мар во превод значи „мелници на море“. Тие некогаш работеле на блиската рекичка Камеихо, а во нив се мелело жито. Нивните остатоци и денес можат да се видат во тој крај.

Место што го посетувале кралеви и кралици

Но, Азењас до Мар на почетокот на 20 век тргнал по друг пат — патот на туризмот. Благодарение на својата положба на драматична карпа, но и на убавината на целата глетка што ја нуди, Азењас до Мар се претворил во популарно летувалиште, но за побогатите и благородните. Го посетувале дури и кралот Карло I и кралиците Амелија и Марија Пија. Популарноста била проследена и со физичко ширење на населбата: никнале уште повеќе куќи на работ од карпата.


Ова подрачје е познато и по производството на вино, кое датира од 19 век. Првите локални производители се споменуваат уште во 1848 година. Тамошните лозја се специјализирани за сортата Рамишку, а се познати по тоа што, благодарение на песокливата почва, успеале да го преживеат пропаѓањето на лозарството во Европа кон крајот на 19 век, до кое дошло поради лозовата вошка, односно филоксерата.

Во Азењас до Мар сè се врти околу погледот

Во Азењас до Мар акцентот е ставен на погледите. Најпрво на самото населено место, потоа на Атлантикот, а на крај и на шармантните градби во самото место. Меѓу нив особено се издвојува капелата „Сао Лоренсо“ од 16 век, но и летниковецот со бел покрив и портокалови капаци што во 1920 година го изградил архитектот Раул Лино. Станува збор за дело што ја претставува неговата „игра“ со традиционалната португалска архитектура.


Азењас до Мар се гордее и со плажа. Таа се наоѓа во подножјето на самата карпа, како и вештачкиот базен изграден во средината на 20 век. Љубителите на песокот тука ќе уживаат, но само за време на осека, бидејќи песочната плажа за време на плима знае целосно да „исчезне“. Во околината на местото има и низа плажи, како што се Праја да Агуда, Праја до Магоито и Праја дас Масас.


Оние што сакаат да уживаат во погледот кон местото, најмногу ќе уживаат ако му пријдат од јужната страна. Таму, додека му се приближувате на местото, има видиковец и паркинг, а љубопитните можат да продолжат уште два километри кон внатрешноста, до капелата Сао Мамеде де Жанас. Кај таа капела, во средината на август, се одржува необична традиционална процесија: сопствениците со својата стока трипати кружат околу капелата во насока спротивна од стрелките на часовникот, со што примаат благослов. Капелата, со навистина необичен изглед, според верувањата е изградена на местото каде што некогаш стоел римски храм посветен на божицата Дијана.


Неизбежната Синтра и крајот на светот

За крај, неколку основни информации за блиската Синтра, под чија „закрила“ потпаѓа Азењас до Мар. Овој град е впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО, а воедно е и дом на една од најпознатите градби во Португалија. Станува збор за еден од симболите на таа земја: палатата Пена, обвиена во различни бои.


Исто така, ако некогаш се најдете во овој дел од Португалија задолжително посетете го и таканаречениот „крај на светот“, односно најзападната точка на Португалија, но и на континентална Европа. Кабо да Рока, во превод „карпест врв“, е рт висок 144 метри, природна убавина и популарна туристичка дестинација. Отсекогаш бил предмет на фасцинација и љубопитност. „Место каде што завршува земјата и почнува морето“ се зборовите на португалскиот поет Луиш де Камоиш, кои и денес го красат тој краен дел од стариот континент. Сè до крајот на 14 век навистина се верувало дека тоа место е токму тоа — крајот на светот…