Скопје не е голем град. Ниту пак јавната сцена, а уште помалку бројни се луѓето кои ни оставиле некаков впечаток или ги паметиме по нешто. Но, постојат ликови кои оставиле траг во општеството со нивното постоење и творење.
Постојат неколку скопски легенди, кои ретко кој не ги познава. Еден од нив е и новинарот и активист Рамуш Муарам - Цирко, познатиот новинар и активист. Воедно и човек кој со години ни мамеше насмевки во комичните скечови кои одеа на телевизија на крајот од минатиот и почетокот од овој век.
Но, за жал, овојпат медиумите известуваат за неговата тешка здравствена состојба. Тој се наоѓа во критична состојба, борејќи се за својот живот.

Негови блиски пријатели и колеги на социјалните мрежи споделуваат фотографии со него, испраќајќи пораки на поддршка и надеж за негово закрепнување.
„Со голема тага ве известуваме дека нашиот брат и многу почитуван Рамуш Муарам – Цирко се наоѓа во тешка здравствена состојба и моментално е во кома, борејќи се за својот живот. Ве молиме сите, секој на свој начин да упатиме молитви кон Господ/Алах за негово побрзо оздравување“, информираа од Рома Прес.
Се огласија и други јавни личности.
„Cir - Dar Emen легендо! А гледам те нема за Барса да искоментираш! Сите позитивни мисли периодов се за тебе. Ќе станеш ти ај ај!! “, напиша познатиот музичар Петар Младеновски (Пеце Суперхикс).
„Цирко е урбана легенда, огромна поддршка!!!“, гласи објавата на Јанаки Митровски.
„Држ се Цирко, лав си ти, после одмор имап уште многу луѓе да ги смееш “, се огласи и Божидар Божиновски.
Нашиот медиум упатува поддршка до неговото семејство и искрено се надеваме дека Цирко ќе излезе како победник од оваа животна борба.








