Ниту еден сведок на Обвинителството не се појави на денешното судење за пожарот во „Пулс“

Нетпрес

16/04/2026

14:10

645

Големина на фонт

а а а

Со барања за психијатриски вештачења, читање исказ на сведок и предлози за проверка на достапност помина денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на кое не присуствуваше ниту еден од предложените сведоци на Јавното обвинителство. Судот ги прифати предлозите на Обвинителството, вклучително и читањето на исказот на Денис Даутовски, кој не е достапен на органите на прогон.

За сведоците Ана Томева и Лина Крстова, Обвинителството најави ангажирање вешто лице од областа на психијатријата, по што Судот ќе одлучува дали се исполнети условите за примена на член 388 став 5 од Законот за кривична постапка (ЗКП).

– Претходната расправа вие начелно кажавте дека е пристигната медицинска документација и дека дополнително ќе нѐ известите, но за да биде запазена процедурата, од страна на обвинителството е ангажирано вешто лице од областа на психијатријата, како би можело истото да се произнесе дали состојбата во којашто се наоѓа Ана Томева претставува душевно заболување, а како би можеле да пристапиме кон примена на исклучокот предвиден во одредбата од член 388 став 5 од ЗКП за непосредно изведување на докази. Меѓутоа, бидејќи медицинската документација се наоѓа кај вас, а секако треба и да биде направен непосреден надзор од страна на стручното лице, таквата документација дополнително ќе биде обезбедена и приложена до судот, за да ја примениме – истакнаа од Обвинителството.

Слична постапка беше најавена и за сведокот Лина Крстова.

– Исто така, имајќи ја предвид денес пристигнатата медицинска документација за сведокот Лина Крстова, и за нејзе ќе биде побарано произнесување од стручно лице по однос на здравствената состојба на овој сведок, по однос на дали се работи за душевно заболување поради кое сведокот не би можел непосредно повторно да го изнесе своето сведочење пред овој суд и да се примени член 388 став 5 од ЗКП. По обезбедување на наодот на стручното лице, истиот веднаш ќе биде доставен до судот и ќе пристапиме со нашиот предлог по однос на овие сведоци, зависно од наодот, додадоа од Обвинителството.

Одбраната побара повлекување на овие сведоци, оценувајќи дека доколку вештачењето утврди душевно заболување, нивните претходни искази би биле неверодостојни, но Судот одлучи да се изготват вештачења за Томева и Крстова.

За сведоците Александра Пепеларовска и Теа Ѓорѓиевска, со кои Обвинителството не успеало да стапи во контакт, Судот прифати да бидат испратени покани.

– Во однос на сведокот Александра Пепеларовска и сведокот Теа Ѓорѓиевска, од страна на Обвинителството направени се обиди за контакт, меѓутоа истите се безуспешни, а во недостаток на телефонска комуникација предлагаме од страна на судот да бидат испратени покани за овие сведоци за расправа, адресите се во листата на докази, но доколку е потребно веднаш ќе ги дадеме – посочија од Обвинителството.

За сведокот Дарио Трифунов, Обвинителството достави известување дека се наоѓа во странство.

– Во однос на сведокот Дарио, од страна на обвинителството обезбедено е известување од МВР БЈБ СВР Штип од 15.4.2026 година, со кое сме известени дека е постапено по наша наредба и при извршени проверки е констатирано дека лицето се наоѓа во Република Бугарија на студирање на непозната адреса. Ова известување го прилагаме пред судот, бидејќи во истото не е наведено дали е достапен на прогон, предлагаме од страна на судот да биде испратена наредба за проверка на достапност на овој сведок, а повторно со цел да се пристапи кон примената на законот – нагласија од Обвинителството.

Судот прифати поканите за Пепеларовска, Ѓорѓиевска и Трифунов да бидат доставени за главната расправа закажана за 22 април 2026 година.

На рочиштето беше прочитан исказот на Денис Даутовски, даден пред Обвинителството во Кочани, откако Судот констатираше дека не е достапен на органите на прогон.

– Во поглед на поставување на опремата беше задолжен Филип Стевановски, кое лице сега е починато. А осветлувањето беше препуштено на сопствениците, а во поглед на прскалките знам дека Панчо во првиот наврат кога почна да ги користи, првично набави кутија со 8 правоаголници со 9-волтна батерија каде треба да се постават патрони, кои потоа со далечинско треба да бидат активирани. Не ми е познато од каде ја набавил оваа кутија, но знам дека ја носеше во своето возило. Претпоставувам дека прскалките ги набавил од истото место кое мене ми го посочи… Откако беа набавени тие, јас лично ги видов дека ги поставуваше Мартин Буцо, а претходно ги поставував и јас… Прскалките ги активиравме истовремено, бидејќи далечинското имаше само едно копче. Мислам дека при договарање на настапите, внесот на прскалките беше најавуван кај сопствениците на локалот, но дали било пријавувано до надлежниот орган, не знам – се наведува во исказот на Даутовски.

Судењето се однесува на пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Процесот се одвива во судницата во затворот „Идризово“.