Левица обвинува за притисоци во Министерството за земјоделство

Макфакс

16/04/2026

08:47

186

Големина на фонт

а а а

Незадоволството од работењето на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, продолжува да расте, и тоа не само меѓу земјоделците, туку и меѓу вработените во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, тврди партијата Левица.

Оттаму соопштија дека деновиве до нив пристигнале сведоштва од внатре, според кои десетици вработени биле прераспределени по подрачни единици надвор од Скопје, не поради реална потреба, туку како форма на одмазда и дисциплинирање за „непослушните“.

Паралелно со тоа, според соопштението, дел од вработените биле избркани, а голем дел биле доведени во ситуација сами да дадат отказ поради, како што се наведува, неподнослива работна атмосфера, мобинг и притисоци.

Како една од клучните алатки за вакви притисоци, Левица ја посочува манипулацијата со систематизацијата. Според, како што велат, сведочењата на дојавувачите, со менување на условите за работните места, вклучително и бришење на критериумот за соодветно високо образование, во Министерството се отвора простор за деградирање и преместување на искусни кадри, на сметка на лица кои немаат соодветни квалификации, но имаат политичка поддршка.

Во реакцијата се наведува и дека вработените во Министерството за земјоделие уште сега добиле најава дека со новата систематизација, која треба да биде во мај, голем дел од нив ќе бидат преместени и деградирани, без јасни критериуми и без образложение засновано на професионални стандарди.

Дополнително, вработените, според Левица, се загрижени и од фактот што немаат институционална заштита.

„Синдикатите молчат, трудовиот инспекторат се прогласува за ненадлежен, а судството е преоптоварено и блокирано со предмети за работни односи па рочиштата се закажуваат со месеци, а постапките траат со години“, се вели во реакцијата до Левица.

Во ваков систем, како што велат засегнатите вработени, работничките права остануваат само декларативни, без реална можност за заштита.

Левица наведува дека со години наназад секоја власт ги користи систематизациите како механизам за вдомување, унапредување и заштита на партиски послушници, додека стручните и непартиски кадри се маргинализираат.

Поради тоа, партијата бара да се воспостави вистински мерит-систем и да се стави крај на партизацијата на администрацијата, оценувајќи дека ваквите злоупотреби со години ја разјадуваат државата одвнатре, а способните и високостручни кадри заминуваат.