Со секоја нова победа во регионалното натпреварување, ТФТ Скопје ја пишува својата историја, па така вечерва со новиот триумф стигна и до последното скалило во второто по ранг АБА натпреварување.
Тимот од Тафталиџе продолжи да пишува убава историја и ќе игра во големото финале на АБА2 лигата, откако вечерва по вторпат ја надигра Сутјеска.
По воведната победа на гостински терен со резултат 88:93, беше јасно дека избраниците на Боро Смилковски бркаат најголем успех во своето постоење, а до такво нешто дојдоа со доминантна и уверлива партија во текот на сите 40 минути.
ТФТ почна да диктира темпо од самиот старт и уште во прват четвртина се одлепи со двоцифрена предност, а тој плус достигна и максимални 24 во втората четвртина.
Тука стана јасно дека Сутјеска едноставно нема што да бара на гостувањето во Скопје, па иако гостите се изборија за подостоен резултат, сепак поразот беше неизбежен.
ТФТ со одмерена кошарка успеа да ги контролира случувањата и во вториот дел, па на крајот со сигурни 90:77 испиша своја кошаркарска историја и се пласираше во финалето во АБА2 лигата, фаза во која за ривал ќе го има тимот на Широки Бријег.







