Одбележан Денот на Командата за обука и доктрини

Макфакс

15/04/2026

14:51

151

Големина на фонт

а а а

Во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес, денес со воена свеченост беше одбележан Денот на Командата за обука и доктрини (КОД), ден кога во 1992 година е примен првиот регрут во редовите на Армијата.

На свеченоста, покрај министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, пензионирани генерали, поранешни команданти на КОД, претставници од Армијата, Министерството за одбрана, воено-дипломатскиот кор, локалната самоуправа, верските заедници и други гости.

Министерот за одбрана Мисајловски, на Денот на Командата, истакна дека тоа е местото каде што „се дефинира начинот на кој Армијата учи, се развива и функционира. Тука се поставуваат основите на секој еден професионален припадник“ и додаде дека само со јасни доктрини, со квалитетна обука и со континуирано усовршување, ќе имаме функционална и подготвена Армија.

„Особено значајна е вашата улога во усогласувањето со НАТО стандардите. Интероперабилноста не се постигнува декларативно – таа се гради преку систематска, прецизна и континуирана обука. Благодарение на вас, нашите припадници се способни да делуваат рамноправно и професионално во мултинационална средина каде секојдневно покажуваме дека стоиме рамо до рамо со нашите сојузници“, рече министерот.

Мисајловски го спомена и армискиот полигон „Криволак“ кој како дел од Командата, претставува еден од најважните ресурси на Армијата. Вредноста на полигонот „Криволак“ ќе се види и на претстојната вежба „Блесок 26“ на која ќе се изврши оценување на Лесната пешадиска баталјонска група.

Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање истакна дека Командата за обука и доктрини ја надминува рамката на класична обука, спроведувајќи трансформација на цивилниот потенцијал во високо обучен, дисциплиниран и вредносно профилиран воен кадар, способен за извршување задачи во сложени и динамични оперативни средини.

„Преку систематизиран пристап кон едукацијата, тренингот и евалуацијата, создавате лидери на сите нивоа на командување, изградени врз принципите на професионализам и лојалност кон уставниот поредок и државните интереси“, истакна генералот Лафчиски.

Командантот на КОД,бригаден генерал Лулзим Нуредини, истакна дека водени од мотото „СЕКОЈА ВЕШТИНА БАРА УСОВРШУВАЊЕ“, припадниците на КОД остануваат цврсто посветени на исполнување на доделените задачи, усогласување со НАТО стандардите и континуирано унапредување на способностите на Армијата. Воедно, нагласи дека припадниците на Командата дале значаен придонес и во поддршка на цивилните институции, особено при справување со пожарите што ја зафатија нашата земја, потврдувајќи ја својата професионалност и подготвеност да служат на граѓаните.

Во рамки на свеченоста беа доделени стимулативни мерки на припадници на КОД за постигнатите резултати во работењето, благодарници на организации и поединци со кои Командата соработува, како и дипломи на екипите кои учествуваа на спортските натпревари организирани по повод Денот на единицата.

Дополнително, на победниците на конкурсите за најдобра ликовна творба и најдобра поема организирани од ООУ „Васил Главинов“ –Велес, им беа доделени признанија и награди. На настанот беше прочитана и најдобрата поема, а беа изложени и цртежи од ученици од основните училишта во Велес.