Енди Робертсон ќе ја заврши долгата и успешна етапа во редовите на Ливерпул по крајот на сезоната, а во медиумите се појавија шпекулации дека тој одбил да потпише нов договор бидејќи не бил задоволен од условите во него.
Сепак, искусниот фудбалер сега се обидел да разјасни што се случило во комуникацијата со „црвените“, односно потенцирал дека тој не ни добил понуда да остане на „Енфилд“.
– Не станува збор за тоа дека сум отфрлил било каков договор.
– Едноставно не постоеше понуда за договор на маса, имавме само разговор во кој двете страни го кажаа својот став за иднината.
– Она што јас го кажав е дека сакам да добијам соодветна минутажа затоа што сметам дека се уште имам што да му понудам на тимот. Имав можност да заминам и претходното лето и во јануари, но тоа дефинитивно ќе се случи во јуни.
– Се надевам дека брзо ќе го решам прашањето, бидејќи не сакам да одам на СП без решен статус за следната сезона, – истакнал Робертсон, кој деновиве се поврзува со трансфер во Тотенхем.








