Министерството за внатрешни работи информира дека на 12 април во 07:22 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Апостол Гусларот“, во двор од верски објект, бил забележан канистер за гориво и траги од горење.
По добиената пријава, полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Претходно, Еврејската заедница во Македонија го осуди, како што наведуваат, обидот за опожарување на објектот на заедницата и синагогата.
„Овој чин не е само напад врз еден верски објект, туку длабоко вознемирувачки удар врз темелните вредности на цивилизираното општество – соживотот, достоинството и заемната почит“, се вели во соопштението потпишано од претседателот Пепо Леви.
Од заедницата изразуваат загриженост за зголемените појави на говор на омраза и нетолеранција, предупредувајќи дека ваквите тенденции можат да доведат до оживување на антисемитизмот.
Во соопштението се додава дека обидот за подметнување пожар е „алармантна последица“ на таквата атмосфера, при што се повикува на јасна осуда од институциите, верските лидери и граѓаните, како и на целосно расветлување на случајот од страна на надлежните органи.








