Додека целиот свет последниве денови зборува за Ормускиот теснец, малкумина навистина знаат како тој изгледа. И покрај својата стратешка улога, овој тесен морски премин крие извонредна природна убавина која останува во сенка на политичките случувања.
Сместен меѓу Персискиот залив и Оманското море, Ормускиот теснец претставува клучна рута за транспорт на енергенси, низ која минуваат околу 20 проценти од светските испораки на нафта.
За разлика од перцепцијата за индустриско и прометно подрачје, Ормускиот теснец го карактеризираат недопрени природни пејзажи. Подрачјето изобилува со драматични фјордови, смарагдно море и разновиден морски свет, вклучувајќи и делфини.
Стрмните карпи и тесните заливи нудат спектакуларни глетки, особено во подрачјето на полуостровот Мусандам во Оман, кој често се споредува со норвешките пејзажи поради своето крајбрежје и планинскиот релјеф.

Иако станува збор за една од најпрометните и најчувствителни поморски рути, Ормускиот теснец има и туристички потенцијал.
Пред сегашните ограничувања, посетителите можеа да го истражуваат ова подрачје со традиционални дрвени бродови (dhow), уживајќи во панорамски погледи, корални гребени и зајдисонца.
На снимките што се споделуваат на мрежите може да се видат делфини како пливаат покрај бродовите, а нуркачите можеа да скокаат во карпестите заливи за да ги истражуваат водите полни со корали.
Во заливот се наоѓа и островот Хормуз, познат по шарените планини и нереалните црвени плажи.
На островот се наоѓа и необичната резиденција Мајара, составена од 200 шарени куполи со различни големини и облици, изградени со учество на локалното население на островот, користејќи техника на градење со помош на вреќи со песок. Куполите, од кои некои се меѓусебно поврзани, содржат и сместување и јавни содржини како ресторани и кафулиња.

Тука е и иранскиот остров Кешм, како и островот Ларак околу кој се наоѓа едно од најразновидните подрачја на корални гребени во рамките на Персискиот залив.


















