Резултатите од токсиколошките анализи на починатите во „Пулс“ ќе бидат јавно презентирани во судница

Нетпрес

09/04/2026

15:23

127

Големина на фонт

а а а

Резултатите од токсиколошките анализи на починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани ќе бидат јавно презентирани во судница од страна на вештаци од судска медицина, изјави директорот на судската медицина доктор Александар Станков на средбата со родителите на починатите деца кои барат да се добијат одговори за обдукциските наоди.

Таткото на починатата Надица, Александар Наунов вели дека Станков им дал потврда дека анализите се направени и се доставени до Обвинителство.

„Дојдовме, ни објаснија дека сѐ е дадено во обвинителство. Направени се сите токсиколошки анализи и дека ќе чекаме на вештачењето во судот да се изјаснат. Кога ни починаа децата тие земале примероци од нив од крвта и од органите но немало машина за испитување на токсични материи. Сега има машина, испитано е се и предадено е во обвинителство“, рече Наунов.

Директорот на судска медицина по средбата во кусата изјава за медиумите кажа дека запазена е цела постапка и преземени се сите соодветни чекори.

„Поразговаравме обајснето им е сѐ што треба досега да се објасни. Како што и претходно дадов изјави, се што е побарано од нас е завршено и сите докази ќе бидат јавно презентирани во судската постапка. Мислам дека луѓето разбраа одредени работи, ја разбраа нашата работа каква е, колку можеме и што можеме да се направи и име јасно дека се ќе биде јавно во текот на судската постапка“, рече Станков.

Средбата на дел од родителите на загинатите деца со директорот на судска медицина следува по јавните дописи и барања од нивна страна за увид во резултатите од обдукциските и токсиколошките анализи но и по нивните сомнежи за тоа дали биле земени биолошки примероци од починатите деца.