Едно од најугледните британски политички списанија, „The New Statesman“, објави анализа под наслов „Крајот на американската империја“, од авторот Џон Греј, во која остро се критикува политиката на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран.
Греј наведува дека Трамповата, како што самиот ја нарекол, „мала екскурзија“ во Иран прераснала во сериозно стратешко промашување и „марш кон катастрофа“.
Според неговите зборови, американската воена операција, која првично имала за цел да го спречи Иран да развие нуклеарни капацитети, за кои Трамп претходно тврдеше дека се „уништени“, сега се свела на обид за деблокирање на Ормускиот Теснец и враќање на состојбата на нивото пред почетокот на конфликтот.
Авторот предупредува дека такво враќање повеќе не е можно.

„Трамп не може да прогласи победа и да се повлече, а притоа да не го препушти клучниот поморски премин на Иран“, истакнува Греј. Додава дека токму Иран, благодарение на способноста да ја наруши глобалната економија, веќе започнал процес што го нарекува „конечен распад на американската империјална моќ“.
Во текстот се нагласува дека војната на Блискиот Исток ги поткопала финансиските темели на американската хегемонија. Без оглед на исходот од конфликтот, смета Греј, Иран повторно ќе се појави како голема сила, со пресудна улога во глобалната нафтена економија, особено како контролор на преминот низ Ормутскиот Теснец.
Посебно предупредува на можноста од дополнителна ескалација. Ако Трамп одлучи „да ја доврши работата“ со покренување копнена операција, Соединетите Американски Држави би можеле да се најдат во конфликт поголем од војните во Виетнам, Авганистан и Ирак заедно.

Греј исто така тврди дека трансатлантскиот сојуз е сериозно разнишан. Иако НАТО формално постои, смета дека е оперативно нефункционален, додека САД сè повеќе се оддалечуваат од Европа и се враќаат на геополитички курс од периодот пред Првата светска војна.
Во анализата се отвора и прашањето за глобалните последици, особено во контекст на Русија и Кина. Авторот предупредува дека ваквата состојба би можела да им даде можност на лидери како Владимир Путин и Си Џинпинг дополнително да ги зајакнат своите позиции, било преку засилени хибридни операции во Европа или преку потенцијално решавање на прашањето за Тајван без директен воен судир.
На крајот, Греј оди и чекор понатаму, тврдејќи дека Трамповата политика не може да се објасни само преку геополитиката, туку и преку психолошките обрасци на однесување. Повикувајќи се на теориите на Сигмунд Фројд, го опишува Трамповото дејствување како „принуда на повторување“, несвесен обид за повторно обликување на минатото и потврдување на сопствената моќ.
„Во подлабока смисла отколку што обично се признава, Доналд Трамп не знае што прави“, заклучува Греј, оценувајќи дека оваа американска интервенција е „точка без враќање“ во повлекувањето на САД како глобална сила.
















