Германија добива прва претседателка? До изборите има уште време, но едно е сигурно – тоа нема да биде Ангела Меркел, еве кои дами се во игра

Точка

08/04/2026

20:44

544

Големина на фонт

а а а

За помалку од една година Германија ќе треба да го избере новиот шеф на држава, а многумина посакуваат за прв пат во историјата тоа да биде жена.

Дојче Веле анализирал која кандидатка би можела да успее.

Скоро сите се согласуваат околу едно нешто: кога Франк Валтер Штајнмаер ќе престане да биде германски претседател за околу една година, жена треба да стане новиот шеф на државата – за прв пат во историјата на Сојузна Република Германија.

Досега, вкупно дванаесет мажи ја извршувале таа функција, изборите ќе се одржат на 30 јануари 2027 година во Берлин.

Мерц сака да именува кандидат во септември

Канцеларот Фридрих Мерц по реизборот за лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во неодамнешно телевизиско интервју се осврнал и на оваа тема.


Тој рекол дека сака заедно со водечките претставници на помалиот коалициски партнер – Социјалдемократската партија на Германија (СПД) во септември да предложи кандидат: „Сакам да избереме личност која ќе ја претставува земјата во нејзината целосна ширина“, изјавил Мерц.

Тој додал дека таа личност мора на луѓето да им понуди ориентација, особено во тешки времиња.

На прашањето дали би требало да биде маж или жена, Мерц не одговорил.

Како функционира Сојузното собрание?

Септември бил избран свесно, бидејќи тогаш ќе се одржат последните планирани покраински избори во две германски покраини.

По изборите, ќе биде јасно како стои мнозинството во Сојузното собрание (Bundesversamlung).


Тоа тело се собира исклучиво за целите на избор на нов претседател.

Се состои од сите членови на Бундестагот (моментално 630 од нив) и ист број претставници делегирани од 16 германски покраински парламенти

Тоа можат да бидат покраински политичари, но и истакнати граѓани, како што се спортисти или уметници.

Ангела Меркел не сака да се кандидира

Многу социјалдемократи велат дека овој пат на позицијата шеф на државата треба да биде избрана жена, а опозициските партии, како што се Зелените, сметаат дека оваа идеја е добра.

Тие веќе предложија кандидатка – но се чини дека тоа не е реално.

Имено, поранешната канцеларка Ангела Меркел веднаш го отфрлила предлогот на Зелените да биде избрана за претседател на Германија.


Таа предлогот го нарекла „апсурден“, а инаку и покрај тоа тој би пропаднал поради долгогодишното ривалство помеѓу Мерц и Меркел.

Владата се договара околу кандидатот

Кандидатот или кандидатката за највисоката функција се одредува преку преговори во рамки на владата, а потоа се оди на гласање.

Иако канцеларот формално го зазема третото место во хиерархијата на државните органи – зад шефот на државата (претседателот), односно претседателот на Бундестагот (моментално Јулија Клекнер од ЦДУ), политички тоа е најважната позиција.

Со изборот на лицето кое ќе ја претставува државата на внатрешен и надворешен план, владата и канцеларот можат да испратат силна политичка порака.


Како што пишува ДВ тие обично и го прават тоа.

Клекнер или Ајгнер?

Името на Јулија Клекнер, енергичната претседателка на парламентот, често се споменува во контекст на првата претседателка.

Но, Клекнер тешко би била прифатлива за социјалдемократите, левицата и Зелените, бидејќи таа понекогаш премногу го поларизира Собранието.


Поголеми шанси дури и кај политичките конкуренти би имала Илзе Ајгнер од Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), сестринската партија на ЦДУ на Мерц, која е веќе осум години претседателка на парламентот на Баварија.

ДВ пишува дека таа покажала способност да гради мостови преку партиските линии.


Меѓутоа нејзината слабост е што доколку стане шеф на државата, шансите лидерот на нејзината партија ЦСУ, баварскиот премиер Маркус Зедер, некогаш да стане канцелар би биле сведени на нула – бидејќи две моќни позиции би биле политички тешки за ЦСУ.

Дали има шанси за жена од еврејско потекло?

Често се споменува и сегашната министерка за образование Карин Приен (ЦДУ).

Таа ужива симпатии во другите партии и би била првата личност со еврејски корени на чело на државата.

Нејзините баба и дедо го преживеале Холокаустот.

Таа би била храбра симболичка порака во време на сè поголем антисемитизам во Германија. Меѓутоа нејзината слабост е тоа што припаѓа на левото крило на конзервативната ЦДУ – а тоа крило во партијата под водство на Мерц нема поддршка од мнозинството.

Се предлага и писателка

Тешкотиите со пронаоѓањето на соодветна кандидатка ги покажува и случајот на Јули Це, познатата писателка и доктор по меѓународно право од Бранденбург, која имала искуство и во администрацијата како уставна судијка – волонтерка.

Таа е позната по својот остар став и во романот „Unterleuten“ го прикажала поделеното општество во Источна Германија.


Меѓутоа, преземањето на функцијата шеф на државата од страна на Це е речиси невозможно – иако поранешниот канцелар Олаф Шолц (СПД) може да го замисли тоа.

Самата писателка изјавила: „Само четири часа сон и 7.000 состаноци дневно – немам ментална, емоционална ниту психолошка издржливост за тоа“.

… или повторно маж?

Една година пред реизборот на германскиот претседател, сè уште нема кандидатка која би се осмелила да ја прифати позицијата или да има шанси за освојување мнозинство.

Дали на крајот тоа повторно ќе биде маж?

Канцеларот Мерц и вицеканцеларот и министер за финансии, Ларс Клингбајл (СПД) имаат уште неколку месеци да изберат соодветен кандидат односно кандидатка.