Израснала во семејство вљубено во пикадо – нејзините родители, Сју и Стив, се натпреварувале на окружно ниво, а нејзината сестра близначка Фелиција исто така е талентирана играчка.
Кога на 17 декември 2019 година стрелката на Фалон Шерок, тешка 23 грама со розев врв, го погоди полето на двојниот број 18, влезе директно во историјата. Поранешната фризерка од Милтон Кејнс, тогаш 25-годишна, стана првата жена што победила маж на ПДЦ Светското првенство во пикадо. Насловните страници на „New York Times“ громогласно објавија „Жена за првпат победила маж на Светско првенство“, а на социјалните мрежи се огласија икони како тениската легенда Били Џин Кинг, која ја нарече предводничка на промени, и актерката Сара Џесика Паркер, која напиша дека „испишала историја и ни ги запрела срцата додека гледавме во чудење и восхит“. Во бучната лондонска сала „Alexandra Palace“, исполнета со еуфорични навивачи, се роди „Кралицата на палатата“.
Израснала во семејство вљубено во пикадо – нејзините родители, Сју и Стив, се натпреварувале на окружно ниво, а сестрата близначка Фелиција исто така е талентирана. Сепак, Фалон релативно доцна му се посветила на спортот, дури на 17 години, откако решила да ги одложи студиите по форензика за да се посвети на стрелките, паралелно со работата како фризерка. Со својот изглед – витка, со долга руса коса и диоптриски очила поради кратковидност – се издвојувала од стереотипната слика за пикадо играч. Во свет традиционално поврзан со пиво, бради и опуштена атмосфера во пабови, таа била вистинска аномалија. Поради хронично заболување на бубрезите, таа е целосен апстинент и за време на натпреварите постојано пие вода, што дополнително ја нагласувало нејзината различност.

Неколку години пред историскиот успех, по раѓањето на нејзиниот син Рори во 2014 година, ѝ била дијагностицирана тешка бубрежна болест. Нејзиниот имунолошки систем почнал да ги напаѓа сопствените органи, а агресивната терапија со лекови предизвикала сериозни несакани ефекти. Лицето ѝ почнало да отекува, состојба позната како „moon face“, што ја направило мета на сурово малтретирање на социјалните мрежи. Додека се борела со тешката дијагноза и како самохрана мајка се грижела за синот со дијагностициран аутизам, анонимни корисници ја исмевале поради нејзиниот изглед.
„Ми велеа дека сум дебела, дека изгледам како маж. Беше ужасно“, призна таа.
Но наместо да ја скршат, тие напади само ја зацврстиле.
„Тоа само ме направи поодлучна да им покажам. Си помислив: „Добро, вашиот живот очигледно е досаден. Нема да го направите мојот таков, затоа што тоа нема да ви успее“.

Откако на Светското првенство во 2019 го победи Тед Еветс, Шерок не застана. Во второто коло, на општо изненадување, го елиминираше и 11. играч во светот, Менсур Суљовиќ, докажувајќи дека нејзиниот прв триумф не бил случаен. Славата што следеше беше експлозивна и неочекувана. Одеднаш стана глобален симбол, а покани за телевизиски емисии, интервјуа и спонзорства пристигнуваа од сите страни. Жената која призна дека е премногу срамежлива да се „гугла“ од страв што би можела да прочита, мораше преку ноќ да научи да се снаоѓа во светската слава. Во срцето на таа медиумска бура, остана скромна, постојано нагласувајќи дека сè што прави – го прави за да обезбеди подобра иднина за својот син.
„Тој е мојот најголем обожавател. Кога вежбам, морам да поставам мала табла до мојата, затоа што и тој сака да фрла стрелки“, вели таа.
Она што ја прави Фалон Шерок спортски феномен е нејзината неверојатна трансформација под светлата на рефлекторите. Надвор од големите сцени, на помалите „floor“ турнири кои ја сочинуваат основата на професионалната сезона, нејзините резултати се солидни, но ретко елитни. Но кога ќе застане на големата сцена, пред илјадници навивачи и милионска телевизиска публика, таа станува сосема поинаква играчка. Нејзината концентрација станува ласерски прецизна, а просекот на фрлање достигнува ниво на најдобрите во светот. Ни самата не може да ја објасни таа трансформација.

„Кога сум на сцената, иако има камери и милиони луѓе што ме гледаат, се чувствувам како да сум … далеку од сите. Има толку многу простор. Никој не може да ме допре. Не го разбирам тоа“, изјави таа.
Токму таа способност да одигра најдобро во клучни моменти стана нејзин заштитен знак. Тоа повторно го докажа во 2021 година на „Grand Slam“, кога во одлучувачкиот меч против Габриел Клеменс изведе неверојатен излез од 170 поени – највисокиот можен во пикадо – за да обезбеди победа и да стане првата жена што стигнала до четвртфинале на голем мешан турнир.

Во 2022 година го освои првиот „Women’s World Matchplay“, а во 2023 стана првата жена што на телевизиски пренос постигнала „совршена игра“ од девет стрелки, при што за придонесот во спортот ѝ беше доделен и Орденот на Британската империја. Таа стана една од најпрепознатливите и најплатените личности во светот на пикадото, докажувајќи дека нејзиниот пробив ги отвори вратите за сите жени во спортот.
Но нејзината најголема битка и понатаму се води далеку од очите на јавноста. Според последните информации, нејзините бубрези функционираат со само 23 проценти капацитет, а хроничниот замор стана секојдневие. Поради тоа најави дека ќе направи пауза од натпреварување во текот на 2026 година за целосно да се посвети на своето здравје.
















