Столе има историски добри бројки како прв голман на Валенсија: Димитриевски го крена ѕидот пред голот!

Дерби

02/04/2026

13:53

197

Големина на фонт

а а а

Столе Димитриевски доби шанса да биде прв голман на Валенсија поради повреда на свој соиграч, но македонскиот чувар на мрежата максимално ја искористи приликата и во овие два и пол месеци ги натера фановите целосно да заборават на Хулен Агиресабала.

Македонскиот чувар на мрежата донесе стабилност во одбраната на Валенсија и тимот делува далеку посигурно откако тој застана на голот, а зад тоа стојат и бројките кои велат дека Столе има историски добра статистика во првите десет рунди од вториот дел од сезоната.

Најпознатиот весник во Валенсија, „Супердепорте“ одново му посвети вест на македонскиот чувар на мрежата за време на оваа репрезентативна пауза, или поточно, тоа го направи еден ден по ремито кое го одигра Македонија против Ирска во Даблин.

Столе ја сочува својата мрежа на гостувањето и покажа дека е во извонредна форма, а „Супердепорте“ открива дека Валенсија помалку голови примила само два пати во историјата во првите десет рунди во втор дел од сезоната.

Во вториот дел од сезоната, Валенсија прима по 1,09 голови по натпревар, а со тоа, тимот на Карлос Корберан стана еден од петте со најмалку примени голови во Ла Лига во воведните десет рунди во 2026-та година.

Столе со своето искуство всади дефанзивна смиреност во тимот на Валенсија, го подобри ефектот на одбранбените фудбалери кои стојат пред него, но исто така важи за еден од најдобрите голмани во Ла Лига во вториот дел од сезоната, за што сведочат и малкуте примени голови.

Помалку голови во овие десет рунди примиле само Куртоа, Гарсија, Сорија и Луиз Жуниор, а Валенсија како екипа е во топ пет екипи со најмалку примени голови во тековната година.

– Преродбата на тимот се случи од задниот дел, во голема мера благодарение на играчи како Комерт, Нуњез и Родригез, но особено поради голманот Столе Димитриевски. Повредата на Агиресабала му даде можност на Столе да биде редовен стартер, нешто што го чекаше од сезоната 2024-та година кога беше доведен да биде прв голман.

– По 11 лигашки натпревари како стартер, статистиката за 32-годишниот Македонец е импозантна и го оправдува како стартер. Смиреноста што Столе ја всади и меѓу своите соиграчи беше клучна за да се создаде посигурен тим во одбраната, но и во средниот ред, – пишува „Супердерпорте“ во својот текст кој го наслови „Димитриевски го подигна ѕидот: Валенсија оживеа од одбраната“.

Во статистиката која ја пишува весникот, вбројани се 10-те натпревари од вториот дел од сезоната, но Столе беше стартер и на последниот натпревар од првиот дел од сезоната во актуелната сезона.