Роберт Левандовски допрва треба да го расчисти прашањето околу неговата клупска иднина со оглед на тоа што му завршува договорот со Барселона на крајот на сезонава.
Наводно Барса е подготвена да го задржи и му нуди продолжување на соработката, меѓутоа со далеку помала заработувачка за Полјакот и останува да се види кој ќе биде потегот на ветеранот кој од друга страна има и други понуди.
Неколку италијански клубови го меркаат, опции како МЛС и Саудиска Арабија не се исклучени и ќе биде интересно да се види која ќе биде одлуката на еден од најдобрите голгетери во поновата историја на фудбалот.
Даглас Коста играше заедно со Левандовски во Баерн Минхен, па токму тој испрати и еден совет до него, да се пресели во Торино и потпише за Јувентус.
-Роберт постигнува голови на секој можен начин. Тој би бил вистински адут за Јувентус, и би му препорачал да го носи црно-белиот дрес. Тој постигнува голови насекаде и ќе продолжи да го прави тоа уште многу години. Тој би бил совршен за „бјанконерите“. Но, од друга страна, тие веќе имаат брилијантен напаѓач, -порача Бразилецот за „Тутоспорт“.








