Членот на руската ракометна репрезентација која ја освои титулата олимписки шампион во Сиднеј во 2000 година, Едуард Кокшаров, почина на 50-годишна возраст, соопшти белорускиот клуб Мешков од Брест, каде што тој работеше како тренер. Кокшаров беше дел и од најуспешниот период во историјата на РК Вардар.
„Со длабока болка ја информираме јавноста дека главниот тренер на нашиот клуб, олимпискиот и светскиот шампион и победник на Лигата на шампионите, Едвард Кокшаров, почина ненадејно на 51-годишна возраст. Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството. Ќе го паметиме како човек кој остави длабок впечаток врз нашиот тим и сите што го познаваа. Ова е неизмерна загуба и шок за ракометниот свет“, соопшти неговиот клуб Мешков Брест.
Покрај златото во Сиднеј, Кокшаров освои олимписка бронза со Русија во Атина во 2004 година, додека стана светски шампион во Јапонија во 1997 година, а во Египет во 1999 година освои сребро. Освои сребро на Европското првенство во Хрватска во 2000 година.
Кокшаров играше како лево крило и постигна 1004 гола за Русија во 192 настапи. Голем дел од својата кариера го помина како играч за Целје. Словенечкиот клуб потсети дека Кокшаров беше дел од најсланата генерација на клубот, која во 2004 година ја освои Лигата на шампионите.
Голема трага остави и во Вардар, во периодот од 2016 до 2020 година, беше спортски директор и в.д тренер на машкиот и женскиот тим.
Два пати Вардар стана европски првак, четири пати го освои националното првенство, три пати Купа на Македонија. Со женскиот тим двапати стигна до финалето на Лигата на шампионите, освои две титутли во првенството и Купот.







