На денешниот брифинг за медиумите, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, информираше за тековните активности и политики насочени кон справување со аерозагадувањето и унапредување на заштитата на животната средина, нагласувајќи ја посветеноста на институцијата кон транспарентност и отворен дијалог со јавноста.
Министерот нагласи дека подготовките за новиот Закон за индустриски емисии, кој стапува на сила во 2027 година, се одвиваат паралелно со зајакнување на контролите и капацитетите на државната лабораторија. Во таа насока, најавена е јавна расправа за новата дозвола на УСЈЕ, а веќе се организираат средби со операторите со А интегрирана дозвола за побрза адаптација на новите правила.
Посебен акцент беше ставен на подготовките за воспоставување на дигиталната платформа – Регистар на загадувачи, како клучен механизам за зголемување на транспарентноста и одговорноста. Според Хоџа, преку систематско собирање и јавно објавување на податоци за емисиите, отпадот и користењето ресурси, регистарот ќе обезбеди сигурни и споредливи информации и ќе создаде конструктивен притисок за почитување на стандардите.
Истовремено, институциите даваат пример преку актуелните проекти за замена на системите за греење во јавни објекти. Во однос на владините мерки за домаќинствата, Министерството за енергетика во моментов доделува ваучери за инвертери, со што над 4000 семејства ќе користат поеколошки начин на греење.
Министерот информираше дека транспарентноста се зајакнува и преку јавните расправи за прогласување на Белчишко Блато за заштитено подрачје, која е во тек, и за Законот за природа во април. Хоџа истакна дека законските решенија за Студенчишкото блато и Охридското Езеро набрзо ќе влезат во владина процедура.
На медиумскиот брифинг беше посочено и дека активностите за воспоставување на регионалните центри за управување со отпад продолжуваат со планираната динамика. Дополнително, во моментов се работи на системско и трајно решение за депонијата во Јегуновце, преку анализа на најсоодветни мерки и обезбедување финансиска поддршка.












