Во момент кога Сирија сè повеќе оди во правец на модел налик на талибанизација, каде што вооружени џихадистички групи влегуваат во градските квартови и кршат и ограбуваат христијански продавници, откако власта на Абу Мохамад ал Џулани (сега Ахмед ал Шара) го забрани алкохолот и почна да наметнува ригидни општествени правила, меѓународните контакти на Дамаск добиваат дополнителна тежина.
Во таква атмосфера доаѓа и првата официјална посета на сирискиот претседател Ахмед ал Шара на Берлин, која отвора низа прашања за правецот во кој се движи земјата, но и за подготвеноста на Европа да соработува со власти чии потези на терен предизвикуваат сериозна загриженост, пишува „večernji.hr“.

Довчерашниот џихадистички терорист Ал Џулани, кој се прогласи за сириски претседател и се преименува во Ал Шара, пристигна во неделата навечер во Берлин во официјална посета што беше одложена од јануари, со што германско-сириските односи влегуваат во чувствителна политичка фаза.

Денеска се сретнал со претседателот Франк-Валтер Штајнмаер како и со канцеларот Фридрих Мерц. Потоа следувало учеството на тркалезна маса со деловни лидери. Берлин оваа средба ја нарекува „почетна посета“, нагласувајќи дека првиот обид бил одложен поради внатрешните случувања во Сирија.

Иако на прв поглед изгледа како рутинска дипломатска размена, дневниот ред покажува дека станува збор за многу подлабок тест. Германија сака да процени дали новата власт во Дамаск може да прерасне од преодна структура во стабилен партнер, особено во однос на прашањата поврзани со обнова, враќање на бегалците и економска стабилност. Во фокусот се и енергетските, како и пошироките економски односи, но и политичката доверливост на сириското раководство.
Тајмингот на посетата дополнително го засилува нејзиното значење. Прашањето за сириските бегалци во Германија одамна излезе од рамките на хуманитарна тема и стана важно внатрешнополитичко прашање поврзано со безбедноста и растот на десницата. Берлин сака да воспостави директен канал со Дамаск за да отвори можности за враќање, доброволно, но во некои случаи и присилно, особено за лица кои претставуваат безбедносен ризик.

Истовремено, германската влада од почетокот на годината покажува подготвеност за продлабочување на односите, со нагласок на потребата од инклузивна транзиција што би ги гарантирала правата на сите сириски заедници. Токму поради контроверзиите што ја следат новата власт, посетата е проследена и со исклучителни безбедносни мерки во Берлин, вклучувајќи забрани за собирање во одделни зони, засилена контрола и големо распоредување полиција.

Надвор од протоколот, Ал Шара го очекуваат и протести. Курдски и други организации го критикуваат неговото доаѓање, предупредувајќи на неговото минато во исламистички структури и обвинувајќи го за тешки кршења на човековите права. Во рамките на самата сириска дијаспора поделбите се длабоки: едни во посетата гледаат шанса за обнова и излез од изолација, додека други предупредуваат на опасност од прерано легитимирање на власт која сè уште не покажала подготвеност за плурализам и заштита на малцинствата.

Најчувствителното прашање останува бегалската криза. Во Германија престојуваат речиси еден милион Сиријци. Доброволните враќања и натаму се ограничени и бројчено занемарливи во однос на големината на заедницата.
Покрај тоа, реалноста во Сирија останува мрачна: околу 70 отсто од населението зависи од хуманитарна помош, инфраструктурата е разурната, а сиромаштијата е широко распространета.

Во такви услови, прашањето за враќањето не е само безбедносно, туку и егзистенцијално — луѓето немаат каде да се вратат. Затоа организациите за човекови права предупредуваат дека е прерано Сирија да се смета за безбедна земја и дека политичките амбиции во Европа често ја игнорираат реалноста на терен, особено за најранливите групи како жените, децата и малцинствата.
















