Објавена листа на овошје и зеленчук со најмногу пестициди во 2026 година: На врвот повторно се најде овој лиснат зеленчук

Точка

30/03/2026

19:20

772

Големина на фонт

а а а

Организацијата „Environmental Working Group“ (EWG) го објави својот годишен список „Dirty Dozen“ за 2026 година, односно листа на овошје и зеленчук со најмногу остатоци од пестициди.

Листата, која секоја година привлекува големо внимание, е осмислена за да им помогне на потрошувачите при изборот на намирници, особено кога одлучуваат дали вреди да се издвојат повеќе пари за органски производи, пишува „Food Bible“.

Овошје и зеленчук со најмногу пестициди во 2026 година

„EWG“ секоја година анализира конвенционално одгледувани земјоделски производи за да утврди кои од нив содржат највисоки нивоа на пестициди во моментот кога стигнуваат на полиците во продавниците. Овогодишниот водич опфати 47 различни намирници, од кои 12 се издвоени како најзагадени. На врвот на листата повторно се најде спанаќот, а потоа следуваат кељ, раштика и листови од синап, јагоди, грозје, нектарини, праски, цреши, јаболка, капини, круши, компири и боровинки.

Според извештајот на „EWG“, спанаќот содржи повеќе остатоци од пестициди по тежина од кој било друг тестиран производ. Голем акцент е ставен и на лиснатиот зеленчук, при што се наведува дека повеќе од половина од примероците на кељ биле контаминирани со пестицид кој се смета за потенцијално канцероген.


Јагодите исто така се високо на листата, а за праските се наведува дека се „исклучително проблематични кога станува збор за контаминација со пестициди“, додека јаболката се опишани како „прелиени со хемикалии по бербата“. На листата повторно се најдоа и боровинките, за кои „EWG“ наведува дека содржат траги од неколку токсични пестициди.

И покрај овие предупредувања, организацијата нагласува дека целта на списокот не е да се обесхрабри консумирањето овошје и зеленчук, туку да се намали изложеноста на пестициди. Како една од методите за намалување на остатоците, експертите препорачуваат миење на овошјето и зеленчукот во раствор од вода и сода бикарбона.

Овошје и зеленчук со најмалку пестициди

Покрај овој список, „EWG“ објави и листа на овошје и зеленчук со најниски регистрирани нивоа на пестициди. На врвот се наоѓаат ананас, пченка, авокадо, папаја, кромид, грашок и аспарагус. Потоа следуваат зелка, карфиол, лубеница, манго, банани, моркови, печурки и киви.