Продолжуваат активностите од зелениот конкурс на dm: Раззеленети дворовите на две воспитно-образовни установи во Куманово и Гевгелија

Макфакс

30/03/2026

13:53

137

Големина на фонт

а а а

Во рамките на проектот „Зелена иднина: од градинка до училиште“, компанијата dm drogerie markt продолжува со активности за раззеленување и уредување на дворовите на воспитно-образовни установи, кои се реализираат во партнерство со Македонското еколошко друштво (МЕД). На 23 и 27 март беа спроведени нови акции за пошумување во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово и во градинката „Детска радост“ во Гевгелија, при што беа засадени вкупно 133 садници.

Со овие активности, дворовите на двете установи добија поуреден, позелен и попријатен изглед, а воедно се создадоа и подобри услови за престој, игра и едукација на учениците и децата. Акциите се одвиваа во позитивна атмосфера, со активно учество и интерес, а благодарение на стручната поддршка, ова искуство имаше и едукативен и мотивирачки карактер. Воедно, беа реализирани и едукативни предавања од експерти на Македонското еколошко друштво (МЕД), преку кои учениците имаа можност одблиску да се запознаат со значењето и важноста на грижата за животната средина.


По успешната реализација на првата фаза од отворањето на конкурсот во септември 2025 година, кога беа раззеленети четири училишни двора со повеќе од 500 садници, проектот продолжи и оваа година со нови активности во основните училишта „Маршал Тито“ во с. Банско, Струмица и „Андреја Савевски - Ќикиш“ во Тетово, каде беа засадени вкупно 160 садници. Со овие активности, годинашниот циклус на раззеленување веќе е започнат и продолжува и во други воспитно-образовни установи ширум земјата.

Посебна вредност на проектот му дава и едукативната димензија, преку која најмладите се поттикнуваат да развиваат одговорен однос кон природата и зелените површини. Преку вакви иницијативи, dm и МЕД продолжуваат да придонесуваат за создавање поздрава, поуредена и позелена средина за идните генерации.


За потсетување, конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ е наменет за државни и општински основни и средни училишта, како и за градинки, кои имаат можност да го пријават својот двор за раззеленување и хортикултурно уредување. Пријавените проекти ги разгледува стручен тим составен од претставници на dm drogerie markt и Македонското еколошко друштво (МЕД), а крајниот рок за аплицирање е 31.8.2026 година. Во секој од предвидените месеци за садење се реализираат по два проекти, а пријавувањето се одвива преку формуларот на платформата „Заедно едни за други“.

Со проектот „Зелена иднина: од градинка до училиште“, dm drogerie markt и Македонското еколошко друштво (МЕД) уште еднаш го потврдуваат својот придонес кон заедницата и заложбата за поттикнување еколошка свест, одржлив развој и грижа за просторот во кој растат и се развиваат младите.