2 Април – светски ден за подигнување на свеста за аутизмот: Различни во сличноста – слични во различноста

Точка

30/03/2026

13:10

194

Големина на фонт

а а а

Светот не се мери само со зборовите што ги изговараме, туку и со оние што никогаш не сме ги кажале. Некаде помеѓу гласната секојдневница и тишината што често не ја разбираме, живеат лица кои светот го чувствуваат поинаку – подлабоко, посилно и поискрено.

На 2 април, кога се одбележува Светскиот ден за подигнување на свеста за аутизмот (World Autism Awareness Day), вниманието се насочува кон прифаќањето на различностите, но и кон потребата од поголемо разбирање, поддршка и човечност.

Приказните од праксата најдобро ја доловуваат оваа реалност. Една од нив е за девојче кое не изговараше ниту еден збор. На прв поглед – затворена во својот свет. Не реагираше на име, не покажуваше што сака, не бараше контакт. Родителите доаѓаа со истото прашање: „Дали нè разбира?“.

Но, зад тишината се криеше многу повеќе. Нејзиниот поглед внимателно ги следеше сите движења, реагираше на секоја промена, чекаше. Не зборуваше – но слушаше. Не покажуваше – но разбираше.


Терапијата започна со наједноставното – избор. Две слики, две можности. По долга тишина, девојчето за првпат ја подаде раката и го направи својот избор. Без зборови – но со јасна порака.

Од тој момент, нејзиниот свет почна да се отвора. Следниот пат не само што ја допре сликата – ја задржа раката и ме погледна, како да бара потврда. Почнавме со гестови и гласови. Полека, нејзиниот избор стануваше поцврст и појасен.

Месеците поминуваа. Еден ден, додека се обидуваше да дофати играчка што беше надвор од нејзиниот дофат, застана, ме погледна и тивко изговори: „Дај“.

Еден збор, тивок и краток, но доволен да сруши ѕид што стоеше помеѓу неа и светот со месеци. Мајката заплака. Не поради тој збор туку поради сѐ што тој носи – надеж, борба, страв и љубов во кој никогаш не престана да верува.


Тогаш уште еднаш сфатив – комуникацијата не започнува со зборови. Започнува со доверба. Аутизмот не нѐ учи како да ги менуваме децата. Нѐ учи како да се менуваме сами. Да бидеме трпеливи, потивки, присутни. Да слушаме и кога нема глас.

На 2 април ни треба свест. Разбирање, прифаќање. Затоа што секое лице заслужува место во светот, а човештвото отсекогаш напредувало блгодарение на различностите.

Автор: Асмира Башкими Бајрамоска
Клинички логопед-специјалист
Здравствен дом – Струга