Родителите на починатите во „Пулс“ бараат да се врати обвинителката која го води предметот за обвинетите полицајци

Макфакс

28/03/2026

20:02

459

Големина на фонт

а а а

Родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, после паузата поврзана со одбележувањето на годишнината од трагичниот настан, денеска повторно одржаа протестен марш, како што рекоа за правда за нивните деца.

Тие изразија загриженост поради одлуката на Советот на јавни обвинители да не го продолжи мандатот на обвинителката Ивана Алексова Трајчева, во чија надлежност беа предметите за обвинетите полицајци за кочанската трагедија. Сметаат дека со промената на обвинителот, предметот преминува кај нов обвинител, кој ќе треба од почеток да се запознае со случајот, доказите и целокупната постапка, а тоа, според нив, носи ризик за дополнителни одложувања, пролонгирање на судските процеси и нарушување на континуитетот.

-Трајчева работеше на случајот подолг период и е запознаена со сите негови аспекти. Во интерес на правдата, континуитетот и ефикасноста, сметаме дека нејзиното отстранување од предметот не е во корист на постапката. Советот на јавни обвинители се повикување на правична застапеност за одредени членови на кои им го продолжува мандатот, додека на обвинителката Трајчева ѝ се ускратува да продолжи со предметот, кој сама го водеше. Затоа, јасно и гласно бараме – обвинителката да биде вратена на случајот, рече Александар Наунов, претседател на здружението на граѓани „16 Март 2025 г. Кочани“.

Семејствата на починатите денеска од 39. протестен марш се обратија и до Институтот за судска медицина, затоа што не добиле одговор на прашањето дали се направени хемиски анализи за присуство на цијанид при обдукцијата на телата на нивните деца.

Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан, рече дека пред повеќе од два месеци пратиле допис до Хемискиот факултет и Судска медицина, со прашање дали се направени хемиски анализи за присуство на цијанид. Од Хемискиот факултет ги упатиле на Судска медицина, но од таму за ова, за нив суштинско прашање наишле на молк.

-А таму – тишина. Не административно доцнење, не технички проблем, тишина. Во исто време, постојат сериозни наводи дека при пожарот се ослободувал цијанид. И ако тоа е точно тогаш прашањето не е дали некој згрешил, туку кој ќе одговара, порача во името на сите родители Тасева.

Маршот за ангелите денеска се одвиваше по веќе позната маршрута, од Паркот на Револуцијата преку Трговскиот центар, зградата на Управата за јавни приходи и кочанската полиција, до Основниот суд и Обвинителство во Кочани.