Данска ја имаше статистиката на своја страна во првото полувреме во кое Македонија успеа да ги сопре налетите на домашниот тим, но стартот на вториот дел донесе целосно друга песна на „Паркен“, па до 60-та минута беше решен патникот во финалниот бараж за пласман на Светско првенство.
Домаќините излегоа со поголема самодоверба во второто полувреме и постигнаа три гола за десет минути, по што стана јасно дека Гоце Седлоски ќе го претрпи првиот пораз на дебито како селектор на најсилната репрезентација на Македонија.
Нашите фудбалери не успеаја да се опорават од шокот и до крајот примија и четврти гол во својата мрежа, сценарио кое било очекувано за Брајан Ример уште на паузата меѓу двете полувремиња.
Данскиот селектор говореше со огромна доза на самодоверба уште на прес-конференцијата и нагласи дека ја гледа Данска на Светско првенство, па откако победи со 4:0, продолжи да ликува.
– Не дадовме гол во првиот дел, но сметам дека двете полувремиња беа слични. Единствена разлика беше тоа што бевме ефикасни по паузата. Мислам дека направивме многу добри работи пред паузата, воспоставивме контрола, бевме трпеливи и добро трчавме.
– Мојата порака до играчите на полувреме беше јасно: Да се одржи темпото и да направиме мали прилагодувања во напад. Влеговме со интензитет во вториот дел и знаевме дека тие се истрошени после првото полувреме, знаевме дека нема да можат да го издржат ритамот, – изјави Ример, кој по победата од 4:0, посебно признание и даде на новоформираната одбрана.
– Ако треба да оддадам посебна заслуга на еден дел, тоа е одбраната. Игравме со сосема нова одбрана, со нови играчи, но и во такви услови, не и дозволивме на Македонија да создаде шанса за гол, – заврши данскиот селектор.








